дома прашуваме други колумна КОМУ БРЕ ВИЕ „МАКЕДОНЦИ“?

КОМУ БРЕ ВИЕ „МАКЕДОНЦИ“?

Вчера се обележа денот на ВМРО во Македонија

2094
0

За некои само државен празник, за други првиот ден од продолжен викенд, за родољубците обележување на денот на формирањето на „Внатрешна македонска револуцинерна организација“.

Со знамиња на Кутлеш и симбол на Античка Македонија, во благ шок што Бугарите го присвојуваат еден од најистакнатите дејци на ВМРО – Гоце Делчев, славениците трегнаа во поход и секако стигна најдалеку до некоја локална кафана.

Со алкохол и песна, се присетија на брадестите револуцинери, со кои се идентификуваат повеќе или помалку и кои им се симболи – основоположници за нивниот идентитет.

Таман го проголтавме лудилото со насилна промена на уставното име од страна на една првокласна благра што во тој момент се најде на собраниските фотљи, пред нас сега се исперчи Бугарија и нејзините провокации околу статусот на македонскиот јазик и националната припадност на историските личности.

Долго време траеше периодот на затишје пред бура па по медиска помпа околу бугарскиот однос кон македонскиот национален идентитет, дојде до целосно заострување на конфликтот.

Медиумите во Македонија како да бараа отворено Бугарија да ни го каже она што најмалку сакавме да го слушнеме за да продолжи динамиката и агонијата, оти без агонија не можеме да го градиме сопствениот национален идентитет.

Мора да констатирам дека односот на Македонија кон соседите „непријатели“ е однос на пубертерлија со зовриени хормони кон неговите родители од кои настојува да се еманципира. Избираме сосема погрешна позиција и пристап, зошто бре ние побогу имаме потреба на кој било да му докажуваме дека сме Македонци или да дејствуваме да добиеме потврда и одобрение од другите дека „еве може да се чувствуваме така“?

Едноставно со својот однос премногу значење и даваме на една Бугарија да ни го креира чувството и правото на самопределба, а имање на национална гордост се чини дека отсекогаш ни недостасувало.

По ова поглавја уште фали да почнеме да ги прашуваме Србите дали македонските комунисти навистина се заслужни за протерување на фашистичкиот окупатор од овие простори или можеби и за нивните борби ќе почне да се полемизира.

Историските факти се земаат како репер во оправдување на националниот идентитет, но статусот на фактите во општествените и хуманистичките науки е доста дискутабилен. И да не е, идентитетот најмалку се заснова на факти а многу повеќе на идеали и идеи. Идентитетот има идеална и апстрактна природа, а не фактичка, емпириска и материјална.

Затоа ниту историчари, ниту ескперти, ниту историски факти не треба да бидат инструменти за преговарање. Просто не може за идентитетот на еден народ да преговара една Комисија составена од неколку луѓе, колку и да е нивната компетентност во познавање на националната историја несомнена.

Мојот дедо можеби не знае на кој начин погинал Гоце Делчев, ама на прашање што си по националност – ќе ви одговори дека е Македонец. Тој факт е многу порелевантен од сите историски личности со кои се истоветува, па макар и да најдете писмо во кое Делчев се обраќа со „Браќа Булгари“, па дури и да е митски лик тој Гоце Делчев, тоа нема да му е пресудно на еден човек да се чувствува како што се чувствува.

Како што го занемаруваме фактот дека стотици илјади етнички Македонци, побрза заради опстанок и економски придобивки извадија бугарски пасоши со тоа што мораа да бараат крштеници, венчаници, матични изводи и било кој административен документ за да докажат дека нивните прабаби и прадедовци биле Бугари, а добро се сеќаават на зборовите на истите тие нивни баби и дедовци дека „бугарскиот окупатор“ дошол и го побугарил.

Баба ми и ден денеска се сеќава на начинот на кој Бугарите ги попишувале во матични книги и тоа време го вика „бугарско“, ама и покрај крштеницата која можеби за Бугарите е доволен доказ дека таа е Бугарка, таа многу добро знае дека тоа е насилно преземање на идентитетот и преправање на историските факти.

Историјата е многу комплексна за некои материјални факти да бидат земани единствено предвид кога се зборува за идентитетот на еден народ затоа никому не треба да се докажуваме ниту кои сме, ниту што сме, а уште помалку да бараме од кого било да ни признае право на самопределување.

Нашиот пристап и однос е многу погрешен, недостоинствен, а ги несвесно ги ставаме Бугарите како некој авторитет земајќи ги предвид сериозно изјавите на некои шарлатани кои во прашањето за идентитетот гледаат чист бизнис и профит.

Кому бре веќе вие побогу „Македонци“, нека ве викаат и „Марсовци“, зарем мислењето на некоја багра вам ќе ви е порелевантно од вашето сопствено национално чувство?

Позанимавајте се повеќе со тоа што правиме за мали пари, со тие силни бугарски пасоши, со тие партиски книшки за вработувања и цицање од државна цицка, позанимавајте се малку со тие што татко им е поп, а вујко владика, со тие што се декларираат како Албанци, Срби, Власи и Турци само за да дојдат до малцински привилегии, позанимавајте се со тоа како ги завршувате факултетите и како доаѓате до вработување.

Со тоа да се позанимавате, а не да се опседнувате со изјави на некој небитен профитер како Каракачанов!

Магдалена Стојмановиќ