Убиството на белградскиот адвокат Милорад Сотировски во јули 1966 година по многу нешта наликувало на класичен криминалистички роман на Агата Кристи. Случајот предизвика огромен интерес во јавноста, не само поради бруталноста на злосторството, туку и поради необичниот тек на истрагата и подоцнежното признание, кое долго време не го разјасни мотивот.
Сотировски, по потекло од Битола, во тоа време важеше за најпознатиот југословенски адвокат во Белград со македонско потекло. На 42-годишна возраст беше убиен во својот стан, кој воедно му служел и како адвокатска канцеларија, во ноќта меѓу 21 и 22 јули 1966 година. Неговата сопруга Љубица и двете деца во тој период биле на летување во Улцињ.
Последен што го видел жив бил клиентот Владимир Лепојевиќ, кој си заминал непосредно пред злосторството, не знаејќи дека убиецот се крие на терасата. Набргу потоа, соседите слушнале викање, борба и повици за помош, а некои дури и го забележале напаѓачот како бега од зградата. И покрај тоа, описите биле неусогласени и недоволни за брза идентификација.
Истрага и брачен триаголник
Истрагата траела со месеци и опфатила повеќе од 10.000 испрашани лица низ тогашна Југославија. Единствените материјални траги биле два ножа и метална болцна оставени на местото на злосторството. Пробивот дошол кога било утврдено дека еден од ножевите бил купен токму вечерта на убиството.
Сомнежот на крај се насочил кон Љубинко Точиловац, магационер и познаник на семејството Сотировски. По закани упатени кон вдовицата и по препознавање на рачно изработен нож, тој бил уапсен во март 1967 година. По осум месеци негирање, Точиловац признал, што ја шокирало јавноста, но вистинскиот мотив за убиството никогаш не бил целосно разјаснет.
Случајот на Милорад Сотировски и денес останува еден од најзагадочните криминални настани во поранешна Југославија – приказна во која славата, потеклото и злосторството се испреплетуваат во мистерија без целосен одговор.


















