Амишите се група на традиционални здруженија на христијанската црква кои сочинуваат една подгрупа на Менонитската црква.

Амишите се познати по нивниот едноставен живот, обичната облека како и неподготвеноста да ги прифатат бројните погодности на модерната технологија.

Историјата на Амишката црква започнала со едно разидување во Швајцарија во 1693 год. во рамките на една група на швајцарски и алзашки анабаптисти предводена од Јакоб Аман.

Оние кои го следеле Аман станале познати како Амиши. Во почетокот на XVIII век, многу Амиши се доселиле во Пенсилванија од различни причини.

Денес, најконзервативните потомци на Амишите сè уште зборуваат пенсилваниско-германски, исто така познат како пенсилваниско-холандски. Сепак, во некои заедници на Стариот амишки ред доминира дијалект на швајцарско-германски, особено во американската сојузна држава Индијана.

Почнувајќи од 2000 година во САД живеат преку 165,000 Амиши од Стариот ред, а околу 1500 живеат во Канада. Едно истражување од 2008 год. укажа дека нивниот број се зголемил на 227,000.

Истражувањето од 2010 пак покажа дека нивното население се зголемило за 10 отсто во последните две години т.е. на 249,000 со зголемено движење на Запад.

Членството во Амишката црква започнува со крштевањето, обично на возраст помеѓу 16 и 25 години. Тоа е услов за брак и кога личноста веќе еднаш се приклучила кон црквата, тој/таа можат да се оженат само со некој од таа вера.

Црковните области во просек опфаќаат од 20 до 40 семејства, и секоја втора недела се одржуваат богослужби во домот на некој приврзаник.

Областа е предводена од страна на епископ и неколку свештеници и ѓакони. Правилата на црквата, Орднунг (збирка од правила за живеење на Амишите) мора да се почитуваат од страна на секој член и ги опфаќаат сите аспекти од секојдневното живеење, вклучувајќи ги забраните и ограничувањата за користење на електрична енергија, телефон и автомобили, како и прописи во врска со облеката.

Повеќето Амиши немаат комерцијално ниту пак социјално осигурување. Како денешните Анабаптисти, Амишките црковни членови не применуваат насилство и не служат никаков воен рок.

Членовите коишто не ги следат овие верувања на заедницата и што одбиваат да се покајат ќе бидат исклучени од црквата.

Во прилог на исклучувањето, членовите може да бидат избегнувани, обичај што ги ограничува контактите со општеството за да го засрами своеглавиот член и да го принуди да се врати во црквата.

Речиси 90 отсто од Амишите тинејџери избираат да бидат крстени и да се приклучат на црквата.

Во текот на тинејџерската rumspringa (ритуал кога младите Амиши бираат дали ќе бидат крстени или пак ќе ја напуштат заедницата) во некои заедници, лицето кое што било крстено и чиешто несоодветно однесување довело до избегнување, можат сите да го игнорираат.

Амишките црковни групи се обидуваат да останат одделени од неамишкиот (англиски) свет. Општо, главен акцент се става на црквата и семејните односи. Тие обично ги водат нивните училишта со по една училница и го прекинуваат редовното образование до осмо одделение (возраст 13/14). Го ценат руралниот живот, рачната работа и понизноста.