Во перцепцијата на детето родителите немаат личности, тие имаат само улоги. Нивната улога е уникатна и единствена и никој друг не може да ја замени.

Децата немаат суд кон родителството на своите родители, немат ни како да оформат, бидејќи тие им се единственото искуство преку кое го градат односот кон родителството.

Децата не ја разбираат сериозноста на односот со родителот, бидејќи во нивните очи тие себе се доживуваат како деца кои имаат право на инфантилност, грешки, обиди и палавост.

Нашите родители не ги знаеме како личности, за нас нивното име и презиме не значи ништо, тие немаат години, ги замислуваме како вечни, постојано присутни во нашите животи. Никогаш не можеме да сфатиме дека позади родителската улога се крие личност која понекогаш е гладна, уморна, исцрпена, нервозна, слаба или болна.

Малку знаеме за нивните личности, за нивните животни филофии, за нивните вредности, ретко знаеме и што сакаат, а што не, имаат ли стравови и моменти на слабости.

Родителите ги знаеме како „наши“, тие нам ни припаѓаат и им го одземаме правото во сопствениот светоглед тие да бидат личности.