Творештвото на холандскиот уметник Винсент Ван Гог (1853-1890) вистинското свое место и значење го добива во својата историска димензија и аспект на набљудување и проследување на едно континуирано експонирано ликовно-естетско кредо.
Самиот факт што тој е уметник со неверојатна особеност помеѓу светските уметници и човек кој овој свет го напуштил со потполна несвесност за својата големина и несекојдневен талент, открива изразито активен уметнички темперамент кај кого бојата станала основна тема и предмет на сликата. Препознатлив по врелите бои и драматичните потези со четката, Ван Гог ги постави темелите на современото експресионистичко сликарство и го облагороди импресионизмот и постимпресионизмот.
Во поголемиот дел од својот живот насликал повеќе од 2100 слики и околу 860 масло на платно, обработувајќи ги вечните теми, како што се пејзажот, портретот, мотивите од секојдневниот живот, мртвата природа, темите од руралниот селски живот и работници, ткајачи, сејачи, измачени жени, скитници, изгладнети луѓе, житни полињаи сл. Иако минува низ внатрешен хаос и тешки депресии, во постојан судир со околината и сопствената личност, неговото сликарство не ја следело неговата избувлива и нестабилна природа и пеколот во кој живеел растргнуван од неговата душевна болест додека престојувал во душевната болница во Сен Реми, туку тоа претставува визија на загубен рај составен од светлина и атмосфера.
Бојата ја нанесува во сирова состојба, ја нафрла директно од туба, ја поставува во груби односи и наметливи контрасти. Всушност, таа му служи како цртеж со која ја дефинира формата, ја организира композицијата и ја реализира идејата, како што во својот дневник ја објаснува таа негова пристрасна преокупација пишувајќи до неговиот брат:
Наместо точно да го пренесувам она што ми е пред очите, јас самоволно ја употребувам бојата за да се изразам силно. Се обидов со црвеното и зеленото да ги изразам страшните човечки страсти.
Во своите млади години Винсент својата инспирација и просветленост ја добива од делата на Рембрант, долго време ги проучувал неговите платна, така што во еден момент заклучува дека треба повеќепати да се умре за да се слика така.
На почетокот во неговиот холандски период сликите се одликуваат со темнина и уморност, потоа подоцна во периодот на неговиот престој во Париз и сликањето на Монмартр се запознава со импресионистите и ги продлабочува своите интереси за светлината, а со заминувањето во Прованса станува сликар на бојата („Поштенска кочија”, „Црквата во Овер”, „Портрет на доктор Гаше”, „Sвездена ноќ”, „Сончогледи”, „Ноќното кафуле”, „Јадат компири” и др.).
Во творечката еволуција, Ван Гог природно ги изразува своите расположби преку бојата речиси сетилно наоѓајќи задоволство во нејзините можности и неочекувани созвучја. Таа, тн вртоглава боена вибрантност која навидум наликува како да е случајно и автоматски-неконтролирано нанесена на платното, всушност, е создадена со развиен ликовен систем ускладен со чувствителниот рационализам индицирајќи ја авторовата исклучителна ликовна концепција и контрола врз секој детал на платното.
Впрочем, Ван Гог немал вистинско сликарско школување односно се постигнал сам со посветена работа, размислување, гледање на туѓи слики. Она што е мошне карактеристично е што сликата е едноставна со силни контрасти на светло-темно, згасната гама, гиста фактура и пренагласена експресија. Но, во периодот кога му се влошува психичката состојба тој во момент кога се чувствува мошне осамено добива напади со халуцинации и тешки кризи, така што си го отсекува увото во момент на расправија со Гоген, за да на крај си го одземе животот.
Тој повеќе го изразува пределот преку внатрешниот излив на емоција во експресија, отколку преку реалниот пејзаж. Својата генијалност и слава ја доживува по неговата смрт кога и неговите дела ја преминуваат нивната вредност до перфекција и безвременска непроценливост. Имено, во тек е изложбата на авто-портрети на Ван Гог во Корталд галерија во Лондон која ќе трае до 8-ми мај 2022 година.
Автор: Марија Стојческа