Работодавачот, кој користи редовно работници за ноќна работа е должен да ја извести инспекцијата на трудот. Од аспект на заштитата при работа, работата ноќе претставува тежок и неповолен услов за работа, и затоа тој претставува посебен услов за работа и како таков треба да биде утврден во договорот за вработување.

Работникот има посебни права кога работи ноќно време:

  • Работникот кој работи ноќе барем три часа од својата редовна дневна работна обврска, односно работникот кој одработува ноќе третина од полното работно време од својата годишна работна обврска, има право на посебна заштита за ноќна работа.
  • Ако на работник заради ноќна работа според мислење на лекарската комисија заради таквото работење би можела да му се влоши здравствената состојба, работодавачот е должен да го ангажира на соодветна работа дење.
  • Работодавачот, на негов трошок е должен на работниците кои работат ноќно време да им обезбеди:

1) подолг одмор;

2) соодветна храна;

3) стручно раководство на работниот, односно производниот процес и

4) лекарски прегледи, пред нивно ангажирање во ноќна работа и во редовни временски периоди утврдени со закон.

– Ако работата се врши во смени, работодавачот е должен да обезбеди периодично менување на работниците.

-Работодавачот не смее да го распореди на ноќна работа работникот на кој нема да му обезбеди услови за превоз до и од работа.

– Работното време на работникот кој работи ноќе на работно место, каде што постојат поголеми опасности од повреди или здравствени оштетувања, не смее да трае повеќе од осум часа дневно.