Гравот е едногодишно растение од фамилијата мешунки која во Европа дошла од Америка во 16-от век, и тоа заедно со пченката и компирот. Во принцип разликуваме два типа на грав: млад и сув. Младиот грав е достапен само неколку месеци во годината, додека сувиот можете да го купите во секое време. Гравот е можеби и најпознатата мешунка која се развила во голем број на различни видови, а постојат и исто толку многу начини на кои може да се подготви за конзумација.

Гравот има исклучителна енергетска вредност, а ги содржи и скоро сите есенцијални аминокиселини. Покрај тоа, содржи и лецитин, но и минерали како калиум, калциум, железо, фосфор, магнезиум, цинк и натриум. Претставува одличен извор на протеини, а за разлика од другите извори на протеини, гравот има многу малку масти, не содржи заситени масни киселини, ниту пак холестерол.

Исто така, гравот е и одличен извор на диетални влакна кои допринесуваат за создавање на чувството на ситост, притоа одржувајќи го стабилно нивото на шеќер во крвта. Гравот содржи и витамини и тоа фолна киселина, тиамин, пиридоксин (Б6), витамин К, рибофлавин (Б2), пантотенски киселини и ниацин (Б3).

Состав во 100 г

Килоџули (кЈ) 1480

Протеини 22 г

Јаглехидрати 61 г

Масти 1,5 г

Диетални влакна 16,4 г

Калциум 135 мг

Фосфор 420 мг

Железо 5 мг

Калиум 1040 мг

Б1 0,6 мг

Б2 0,2 мг

Б6 0,3 мг

Гравот во служба на здравјето

Иако го има на нашите трпези од дамнешни времиња, дури неодамна гравот го доби заслуженото внимание благодарејќи на се поголемата популарност на здравата исхрана. Навистина можеме да кажеме дека гравот е суперхрана бидејќи содржи диетални влакна, протеини и антиоксиданти. Токму поради споменатите вредности, гравот исклучително поволно делува на нашето здравје. Го намалува холестеролот, го регулира шеќерот во крвта и производството на инсулин бидејќи има низок глихемиски индекс и сложени јаглехидрати кои се варат полека, добар е за здравјето на системот за варење и штити од рак, особено од рак на дебелото црево.

Со оглед на тоа дека сите видови на грав (бел, зелен, црвен, црн…) содржат многу малку маснотии и калории, се препорачува да се конзумира почесто, а ова особено важи за луѓето кои страдаат од дијабетес и за оние кои сакаат да ја регулираат својата телисна тежина.

Гравот докажано го намалува и ризикот од срцеви болести поради веќе споменатата ниска содржина на масти, и пред се на заситени и транс-масти. Но, ни тука не е крајот. Гравот изобилува и со фолна киселина која е исклучително важна за бремените жени, а поволно делува и на менталното здравје поради витаминот тиамин кој учествува во производството на енергија и во синтезата на ацетилколин, невротрансмитер за памтење.

Гравот во чинија

Веќе споменавме дека младиот грав е поретко достапен, додека сувиот може да се најде во секое време од годината. Поради ова, најчесто се користи гравот кој е веќе созреан, и за кој велиме дека е исушен.

Но, токму ова влијае и на начинот на кој гравот се подготвува. Имено, ако сакате да го скратите процесот на подготвување на сувиот грав и директно го ставите во вода да се вари, високата температура на водата ќе делува само на површинскиот слој од зрната кои ќе бидат рехидрирани (освежени), додека внатрешноста ќе остане сува и брашнеста, па со самото тоа и невкусна. Затоа, задолжително оставете го гравот во вода добро да се накисне пред да го варите. Освен што ќе биде многу повкусен, процесот на киснење исто така ќе влијае и на разложување на сложените хемиски соединенија кои ги претставуваат оглиосахаридите, односно шеќерите кои органиамот не може да ги свари, па така ќе ја избегнете и надуеноста после конзумирањето на гравот. Најдобро е да се остави гравот да се кисне 24 часа, потопен во солена вода на ниска температура, а после киснењето, потребно е гравот добро да се измие пред да се подготвува.

Гравот има неутрален вкус кој може да се комбинира со голем број намирници и зачини, а бидејќи е достапен во текот на целата година, неговата примена во кујната е навистина широка. Гравот може да се свари, може да се запече или да се користи во салати, и ова се само неколку од многуте комбинации.