Претседателката на Европската комисија Урсула Фон дер Лејен денеска попладне ќе пристигне во посета на Македонија, со која ќе ја започне нејзината турнеја низ регионот на Западен Балкан.

Како што најавија од владиниот Сектор за односи со јавноста, премиерот Димитар Ковачевски заедно со владина делегација ќе ја пречека претседателката на ЕК пред платото на Владата.

Во состав на владината делегација предводена од премиерот Ковачевски се заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерот за надворешни работи Бујар Османи и министерот за економија Крешник Бектеши.

Главната порака која ќе ја пренесе претседателката на Европската Комисија, е посветеноста на ЕУ за европската интеграција на регионот, јави дописничката на МИА од Брисел. Нејзината турнеја низ земјите од Западен Балкан е во контекст на војната во Украина и енергетската криза, а целта е да му се пренесе на регионот дека тој е важен за Европската Унија, најави портпаролот Ерик Мамер.

Оваа посета се разбира се одвива во посебен контекст, кој е контекст на последователни кризи, прво ковид, а сега војната во Украина и нејзините последици – рече Мамер.

Како што и самата најави минатата недела од Стразбур, еден дел од помошта во областа на енергетската криза ќе биде вклучувањето на земјите од Западен Балкан за заедничко купување енергенси со земјите од ЕУ. Оваа платформа има за цел да ја зајакне соработката меѓу земјите и да ја намали конкурентноста помеѓу државите на енергетскиот пазар.

Пораката е солидарноста на ЕУ со регионот, ангажман преку програми кои имаат за цел да се поттикнат инвестиции и волја да се продолжи да се соработува со целиот регион – рече портпаролот.

Во однос на барањето на Македонија да добие помош од Европската Унија за набавка на струја од Бугарија преку компензација на пазарната цена, Ерик Мамер изјави дека нема информации на оваа тема во овој момент.

Портпаролот за енергија на Европската Комисија, Тим Мекфи, за МИА пред неколку дена исто така порача дека за сега ова македонско барање не е на маса во Брисел. Останува да се види дали македонските власти повторно ќе го побараат тоа од фон дер Лејен и дали таа ќе биде во можност да пружа помош.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи минатата недела најави дека пакет за енергетска поддршка од Европската комисија за регионот во вредност од една милијарда евра ќе биде презентиран неделава во Скопје од претседателката на ЕК Урсула фон дер Лејен.

Османи, како што кажа, бил информиран од еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи за финансиски пакет за регионот, во износ од милијарда евра, за ублажување на ефектите од енергетската криза.

После Скопје, Фон дер Лејен ќе отпатува во Приштина и Тирана во четврток, Сараево и Белград во петок и во Подгорица во сабота.