Во врска со новите рестриктивни мерки, според кои без сертификат за примена барем една доза на вакцина не може да се влезе во угостителски објект ниту да се присуствува на организирани настани, Филипче нагласи дека целта на таквата мерка е да се стимулира вакцинација на населението бидејќи очигледно е дека вирусот најмногу се шири во местата во земјава каде процентот на вакцинирани е низок.

Тој додаде дека и сите студии потврдуваат дека вакцината е единствената сигурна алатка за борба со вирусот во моментов, и дека единствено вакцините штитат од болеста или спречуваат тешки здравствени компликации и смртен исход.

На прашањето дали треба да се вакцинираат и лицата кои болеста ја прележале, а биле лекувани со крвна плазма, министерот рече дека без оглед на начинот на лекување, добро е и прележаните лица да бидат вакцинирани после еден месец од оздраввувањето.

Затоа во мерките е нагласено дека се признава сертификат за прележана болест не постар од 45 дена, имајќи предвид дека оставаме 15 дена за да се пријави или организира вакцинацијата и на тие лица, рече Филипче.

По се изгледа дека мерките даваат резултати во однос на постигнување на главната цел – стимулирање на бројот на вакцинирани.

Во текот на вчерашниот ден е забележан значително зголемен интерес за вакцинација меѓу граѓаните. Вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата, а во тек е и теренска вакцинација.

На вакциналните пунктови во државата и на терен, заклучно со вчера се вакцинирани вкупно 612.391 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 11.732 граѓани, а вкупно се вакцинирале 17.427 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 1.097.855 дози вакцини, а ревакцинирани се 485.464 граѓани.