Фармацевтската компанија „Фајзер“ вчера објави дека тестовите на нејзината вакцина против ковид-19 на деца на возраст од 2 до 5 години покажуваат дека таа не го обезбедила очекуваниот имунитет кај децата на таа возраст и препорачува воведување трета доза.

Студијата покажала дека две дози од вакцината на „Фајзер/Бионтек“ прилагодени на деца не го создале очекуваниот имунитет кај оваа група на деца. По анализата на податоците, компанијата одлучи да вклучи трета доза за сите деца и бебиња на возраст од 6 месеци до 5 години во својата програма за тестирање вакцини.

Клиничките испитувања сега ќе вклучуваат проценка на ефективноста на третата доза од 3 микрограми, која ќе се дава најмалку два месеци по примањето на втората доза за да се обезбеди високо ниво на заштита за оваа возрасна група – соопшти компанијата.

„Фајзер“ ја намали дозата дадена на помалите деца во споредба со онаа дадена на возрасните. Имено, за возрасната група од 12 и повеќе години дозата е 30 микрограми, за деца од 5 до 11 години 10, а за најмладите 3 микрограми.