Собранието денеска треба да ја одржи 76. седница, на која како втора точка на дневниот ред е Предлогот за разрешување на Љупчо Коцевски од функцијата Јавен обвинител на Република Македонија. Седницата е закажана за 11 часот.

Иницијативата за разрешување доаѓа од Владата, а постапката беше започната уште во декември, но беше прекината поради изборниот процес и трагедијата во Кочани. Одлуката за покренување на постапката беше донесена на владина седница на 9 декември.

Владата, повикувајќи се на член 88 став 1 од Законот за јавното обвинителство, го предложи разрешувањето на Коцевски поради, како што беше наведено, крупни професионални грешки во раководењето со Јавното обвинителство, кои довеле до нарушување на неговата ефикасност и функционалност. Меѓу причините се наведуваат и неовластено изнесување информации за судски предмети, нарушување на угледот на институцијата и непостапување согласно Уставот и законите.

Дополнително, Владата оцени дека поради ваквото постапување е сериозно нарушен интегритетот и функционирањето на Јавното обвинителство, за што, согласно законот, одговорност носи токму јавниот обвинител.

Од друга страна, премиерот Христијан Мицкоски, во гостување на Сител телевизија, изјави дека одлуката не е исклучиво политичка и дека на Коцевски му била дадена доволна шанса да покаже резултати.

„Ги видовме резултатите и не сме задоволни. Влегуваме во процес на избор на нов јавен обвинител од кој очекуваме многу повеќе“, изјави Мицкоски, додавајќи дека новиот обвинител мора да биде професионалец кој ќе се бори за правдата и ги повика сите кои се чувствуваат компетентни да се пријават.