Долго очекуваниот „европски план за борба против ракот“ ќе се фокусира на спречување на таа болест, а тој ќе биде особено насочен против употреба на алкохол и производи од тутун, но и електронски цигари, дознава „Еурактив“.

Акциите предвидени во планот, што се очекуваше да бидат презентирани во текот на годината, ќе имаат за цел да ги поддржат, координираат, па дури и да ги надополнуваат напорите на земјите-членки во секоја фаза на третман на рак, вклучително и превенција и квалитет на живот за преживеаните.

Нацртот „Европски план за борба против ракот“ ќе се заснова на четири клучни столба – превенција, рано дијагностицирање, лекување и последователна нега, со седум водечки иницијативи и низа придружни активности.

Најамбициозните обврски се наведени во превентивниот дел од планот, особено со цел да се создаде „генерација без тутун“ до 2040 година.

Бидејќи 90% од карциномите на белите дробови можат да се избегнат без употреба на тутун, Комисијата има намера помалку од 5% од граѓаните на ЕУ да користат тутун за дваесет години.

Ова ќе се постигне, според извршната власт на ЕУ, со ригорозно спроведување на правилата на ЕУ за контрола на тутунот и прилагодување кон новите случувања и трендовите на пазарот, вклучително и построги правила за нови производи, како што се е-цигари и производи за пушење на билки, почнувајќи од 2021 година.

Според нацртот, Комисијата размислува да ги прошири правилата за забрана за пушење на јавни места на производи како што се електронски цигари.

Комисијата смета дека оданочувањето на тутунските производи е еден од најефикасните инструменти за борба против потрошувачката на тутун.

Со цел да се намали привлечноста на тутунот и сродните производи, Комисијата се очекува да објави ревизија на неколку закони на ЕУ, како што се Директивата за тутунски производи, Директивата за оданочување на тутун и законската рамка за прекугранични набавки на тутун.

Друга цел на иницијативата на Комисијата за карцином е алкохолот, кој е одговорен за повеќе од 15 проценти од смртните случаи кај мажите и 30 проценти кај жените.

Комисијата исто така планира да го разгледа законодавството на ЕУ во врска со оданочување на алкохол и прекугранично купување алкохол.