Продолжува неизвесноста меѓу претставниците на „Астра зенека“ и членките на ЕУ во врска со пронаѓањето на решение за надминување на несогласувањата, по нивната синоќешна средба.

Вчера, Европската комисија ја повика британско-шведската фармацевтска компанија да ја исполни својата договорена, социјална и морална обврска и да ги достави договорените дози на вакцини против ковид-19 во Европа, бидејќи компанијата објави дека ќе ја намали испораката на вакцините во ЕУ во првиот квартал.

Лидерите на ЕУ и рекоа на „Астра зенека“ дека ќе ја тужат за кршење на договорот доколку дозите произведени во Велика Британија не бидат пренасочени кон ЕУ.

Вчера се појави информација дека „Астра зенека“ го откажала учеството на состанокот со претставниците на ЕУ во Брисел, но подоцна компанијата соопшти дека тоа не е точно и дека ја прифатиле поканата за состанок со Управниот одбор на Европската комисија. Конкретните заклучоци од состанокот засега не се познати.

Конструктивен тон во нашата размена на ставови со извршниот директор на „Астра зенека“, Паскал Сорио, на нашиот одбор за вакцините. ЕУ останува цврста. Вакцините мора да бидат доставени, договорот мора да се почитува – напиша европскиот комесар за здравство, Стела Кјаријакидес.