Дуото „Аманет” од Битола деновиве во студиото на Сашо Паркет ќе ја сними новата песна, со работен наслов „Уште сме млади, не се предаваме”. По „Ние имаме име, Македонија” и „Добро утро, убав ден”, ова ќе биде нивна трета песна.

Имавме чест нашата втора песна да ја промовираме во рамките на новогодишната програма, која ја организираше Општина Битола. Задоволни сме од приемот на публиката и за оваа година имаме предвидено уште најмалку две песни во поп-рок стил, наменети за сите генерации’, вели Драган Романски, гитарист и автор на музиката и текстот на првите две песни на „Аманет”.

2022 година е јубилејна година за Шенол Мемиш, вокалистот на „Аманет”, кој одбележува 30 години од снимањето на неговата прва песна. Двајцата искусни битолски музичари планираат и албум, на кој ќе се најдат нивните нови песни, но и постари, од времето кога настапуваа со други групи.