Продолжува намалувањето на активните ковид-случаи во државава чиј број, како што информираа вчера од Министерството за здравство, изнесува 1.955, од кои најголем број – 1.066 се во Скопје. Македонски Брод и Дојран се без ниту еден активен случај.

Според податоците на Министерството за здравство, во земјава вчера се евидентирани нови 324 случаи на ковид-19, од направени 2.290 тестови. Пријавено е едно починато лице во изминатите 24 часа, а две лица во периодот од 4 и 5 март преку Регистарот на умрени лица од ковид-19. Од вкупниот број на позитивни (324), регистрирани се 49 реинфекциии.

Од почетокот на пандемијата, вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во земјава достигна 302.548. Оздравени се 291.431 пациент, а битката со вирусот ја изгубиле 9.162 лица.

Се очекува Кризниот штаб и Владата да се изјаснат за ковид-мерки што ги предложи завчера Комисијата за заразни болести – учениците од основните училишта да бидат ослободени од носењето маски, капацитетот на исполнетост на затворени објекти – опери, театри, кина да се зголеми од 50 на 75 проценти и да се укинат сертификатите за престој во отворениот дел од угостителските објекти. Обврската за носење маска во училиштата, според предлогот, останува на наставниците, професорите и техничкиот персонал.

Светската здравствена организација, пак, вчера изрази тревога за зголемените инфекции со ковид-19 на глобално ниво, и покрај падот на нивоата на тестирање.

ИЗВОРНова Македонија
претходниот член,Четири хороскопски знаци кои се неподносливи за партнерски однос
Следната статијаПодгответе се за летното сметање на времето, а еве кога ќе треба да ги поместуваме стрелките на часовникот

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде