Јужна Африка го укина полицискиот час во текот на ноќта, а властите велат дека земјата можеби го поминала врвот на четвртиот бран, јавува Би-би-си.

Во владиното соопштение се вели дека сојот омикрон, иако е многу пренослив, имал пониски стапки на хоспитализација од претходните соеви. „Има маргинален пораст на бројот на смртни случаи, се додава.

Во соопштението објавено по специјален владин состанок се вели дека случаите и стапките на прием во болница паднале во речиси сите провинции во земјата. За крајот на неделата, бројот на потврдени инфекции беше 89.781, што е намалување од 127.753 претходната недела.

Јавноста продолжува да се повикува да се вакцинира и да се придржува до протоколите за јавно здравје, вклучително и задолжителното носење маски.

Собирите остануваат ограничени на 1.000 луѓе во затворени простории и 2.000 на отворено или 50 отсто зафатеност.

Националниот команден совет за коронавирус ќе ја следи ситуацијата и ќе направи приспособувања доколку е потребно или ако се зголеми притисокот во болниците – велат официјалните лица.

Јужна Африка забележа речиси 3,5 милиони случаи на коронавирусот и повеќе од 90.000 смртни случаи за време на пандемијата – повеќе од која било друга земја во Африка.