Директорот на Светската здравствена организација најави дека ќе работи од дома и дека ќе оди на изолација доброволно, затоа што бил во контакт со лице заразено со вирусот корона.

Тедрос Аданом Гебрејесус на Твитер објави дека ќе биде во самоизолација во наредниот период поради потврден контакт со лице позитивно на вирусот корона.

Добро сум и немам никакви симптоми, но ќе останам дома во согласност со протоколите на СЗО, напиша тој доцна во неделата вечер.

Од витално значење е сите да постапуваме во согласност со препораките. Само на овој начин ќе ги исечеме синџирите на пренесување на короната, ќе го потиснеме вирусот и ќе ги заштитиме здравствените системи, напиша тој.

Од почетокот на пандемијата, Тедрос е „лице“ на СЗО и тесно соработува со научници, како и државни лидери, во напорите за борба против пандемијата.