Во времето на царот Онориј, во Рим живеел високиот царски достоинственик Ефтимијан, многу угледен и многу богат.

Тој и жена му Аглаида животот го минувале богоугодно. Иако бил богат, Ефтимијан само еднаш дневно седнувал на трпеза, и тоа по залезот на сонцето.

Имале син единец, Алексеј, кој кога пораснал го принудиле да се ожени.

Но, ноќта по свадбата тој не само што ги оставил жената и домот на својот татко туку седнал на кораб и отишол во градот Едеса во Месопотамија, каде што бил прочуениот лик на Господ Исус, испратен од Самиот Господ за царот Авгар.

Откако му се поклони на овој лик Алексеј се облекол во руво на просјак и како таков живеел во тој град полни седумнаесет години, непрестано молејќи го Бога во припратата на црквата на Пресвета Богородица.

Кога таму се прочул како богоугодник, тој се уплашил од човечката слава и заминал, седнал на кораб што оди за Лаодикија, но по Божја Промисла коработ бил носен и допловил дури до Рим.

Сметајќи го ова за прст Божји, Алексеј смислил да отиде во домот на својот татко и таму како непознат да го продолжи својот подвиг.

Татко му не го препознал, а од милосрдие му дозволил да живее во една визба во неговиот двор.

Овде Алексеј поминал уште седумнаесет години, живеејќи само на леб и вода.

Слугите го малтретирале на разни начини, а тој претрпел сè. А кога му се приближил крајот, напишал една хартија, ја стегнал во рацете, легнал и издивнал, на 17 март 411 година.

Тогаш во црквата на Светите апостоли имало во присуство на царот и патријархот откровение во вид на глас кој рекол:

Побарајте го човекот Божји.

Малку по ова се открило дека тој човек Божји е во куќата на Ефтимијан и по долго распрашување дознале дека Божјиот човек е оној просјак.

Кога влегле го нашле мртов во неговата визба, а неговото лице блескало како сонце.

Од онаа хартија неговите родители дознале дека е тоа нивниот син Алексеј, а невестата којашто триесет и четири години живеела без него го видела нејзиниот маж, па сите ги обземала неизмерна тага.

По ова сепак се утешиле гледајќи дека Бог го прославил Својот угодник.

Од допирот на неговото тело се лекувале многубројни болни, а од телото му поткло благоухано миро.

Го погребале во ковчег од мермер и смарагд. Неговата глава се наоѓала во Светата Лавра на Пелопонез.