Кога некој ви се обраќа во второ лице автоматски ве обврзува на директна комуникација. На некој начин си дава суверенитет во комуникацијата да ви дели совети, да биде директен, да ве испрашува или од вас да бара објаснување.

Луѓето се склони да делат совети, а ние имаме различни пристапи кон таа човечка склоност.

Иако квалитетот на советот зависи од намерата на оној што го дава, сепак намерата и не е единствено важна.

На што да обрнете внимание кога некој ви дели совети? 

Дури и некој да е апсолутно во право, ние сме во најголем дел од постоењето под некој детерминизам. Општествен, биолошки, физиолошки, психолошки, јазичен и сл.

Сите сме свесни колку е тешко да се испочитува и сопствената волја, а уште помалу апелите на другите да ја освестиме и артикулираме нашата волја.

Од таа причина настанала и шегата: „Од понеделник сум на диета“, без да се прецизира кој понеделник е во прашање.

Ние сме свесни дека исхраната има голем удел врз нашето здравје, но немаме доволно конзистентна волја да ја започнеме диетата.

Згора на тоа и совети од нутриционисти или од оние кои ни посакуваат добро…

Колку и да се исправни советите едноставно одбивајте ги, тие дополнително ве глават во кругот на незадоволството бидејќи не можете да ги реализирате сите барања кои се имплементирани и мимикрирани во советот.

Прашајте се зошто некој ви го кажува тоа што го слушате?

Без разлика дали ќе добиете комплимент или критика, не обрнувајте внимание на содржината и значењето, туку размислувајте во себе зошто тоа некој ви го кажува.

На пример ако добиете критика дека не сте доволно добри во извршување на некоја работна задача, а вие сте свесни дека тоа е далеку од вистината, можеби намерата на критичарот е да ви ја сруши самодовербата и да ве натера да се откажете.

Не е лесно да заклучите која е намерата, но посматрајте го поединецот и неговите постапки систематски, ако нешто има тенденција да се повторува, тогаш вие сте дефинитивно објект кој му предизвикува опасност и од кој сака поскоро да се ослободи.

Ако некој, пак, ви дели комплимент, исто така запрашајте се зошто го прави тоа. Проектирајте во иднина. Ако некој ви каже дека сте убава, тоа може да значи дека му се допаѓате и сака да биде со вас. Но на кој начин? Сексуален чин? Авантура? Има очекувања за заедничка иднина? Како таа иднина ќе изгледа?

Просто сликајте си ги работите во иднината врз база на онаа што ви е достапно во сегашноста.

Бидете слободни!

Прво што значи да се биде слободен? Постојат мал милион теориски објаснувања за тоа што е слобода.

Едно од тие е и објаснувањето на Ерих Фром, слободата може да се определи како слобода од нешто, заради нешто друго.

Таа никогаш не може да биде согледувана независно од она што ја оспорува и онаа што ја инстументализира за да се оствари некоја повисока цел.

Имануел Кант, пак, смета дека слободата е единствено можна ако се усогласат волјата и моралниот закон.

Ако поединечната волја е комплементарна на моралниот закон кој гласи: Постапувај така што во секој момент максимата на твоето дејствување може да стане принцип на општото законодавство, тогаш ние сме слободни.

Волја без морален закон, за Кант е чист инстинкт.

Токму поради ваквото разбирање на слободата, во Кантовиот систем на вредности, должноста го има пиадесталот.

Сублимат 

Сартер ќе рече: Пеколот тоа се другите. Веројатно сите го доживуваме како егзистенцијална криза дури и толкувањето дека во нечиј поглед има прекор кон нас.

Но да излеземе од тој пекол, потребно е само да престанеме на себе да гледаме како битие-за-другиот.

Ние сме социјални суштества, но нашата социјалност е само каквост на нашето битие. Таа не е есенцијалното Е (глагол сум).

Автор: Магдалена Стојмановиќ