Иако се зборува за зголемување на цените на услугите како крштевка, венчавка или погреб на ниво на црквата, сепак најголем дел од епархиите немаат направено никакви промени во ценовниците.

Тоа значи дека секоја епархија на МПЦ има различен тарифник за крштевки, венчавки и за погреби. Во епархиите каде се наоѓаат поголеми градови и има најголем број на верници, како Скопје и Охрид, цените во црквите не се покачени.

Засега покачување има само во преспанско-пелагониската епархија, каде цените се покачени од 50 до 500 денари во зависност од услугата, според новиот таксеник во црквите кој е со важност од февруари годинава.

Не се наплаќа на сиромашни и повеќедетни семејства.

Според ценовникот на скопската епархија, крштевката чини четири илјади денари, од кои половина ги плаќа кумот, а половина родителите на детето што се крштева.

За венчавка со еден свештеник се наплаќа шест илјади денари, а доколку свечениот чин го извршуваат тројца свештеници, се плаќа седум илјади денари. Наплатата се дели на четири дела, односно на кумот, на старосватот и на родителите на невестата и младоженецот.

Опелото за погреб чини три илјади денари.

За потенцирање е дека свештениците не им наплаќаат услуги на граѓаните од социјално загрозените категории, како и на оние семејства што имаат повеќе деца.

Свештениците немаат месечен надоместок – плата од црквата каде служат. Црквата им плаќа само пензиско и здравство осигурување. Тие се регистрирани како трговци поединци и на крајот на годината плаќаат данок кон државата, како паушал.

Таксата што се плаќа за крштевка или за венчавка служи за расходите на храмот во кој се извршува светата тајна. Од тие пари свештеникот зема само одреден процент. Парите што се даваат за крштевка или за венчавка се прилог за црквата, односно за верската заедница каде што припаѓа верникот.

Цени за верски обреди во скопска епархија:

  • крштевка 4.000 денари
  • венчавка со еден свештеник 6.000 денари
  • венчавка со тројца свештеници 7.000 денари
  • погреб 3.000 денари