Министерството за образование и наука соопшти дека не се укинува предметот историја, туку дека се подготвува целосно нов модел на настава, во кој ниту една научна дисциплина нема да се изгуби, туку ќе се смени концептот на кој учениците го изучуваат материјалот.

Целта на овие реформи, велат дека е на ученикот да му даде целосна слика за одреден настан или тема, а тоа се постигнува преку интердисциплинарен и интегриран пристап.

На овој начин учениците подобро ќе ги разберат и запомнат темите кои ги изучуваат и притоа ќе ги развијат своите аналитички способности.

Досегашниот модел на настава ги учи нашите ученици само на факти и не им овозможува да ги поврзуваат информациите и знаењата од различните дисциплини што ги изучуваат во основното образование.

Ова го докажуваат и ниските рангирања согласно домашните и меѓународни истражувања и извештајот на ОЕЦД за нашата земја. Токму затоа е особено важно да се воведе учење преку истражување, преку кое ќе го подобриме образованието и ќе негуваме креативни и иновативни ученици.