Австриското министерство за здравство појасни дека лицата кои биле вакцинирани во странство со руска или кинеска вакцина против коронавирусот нема да бидат третирани како вакцинирани, односно нема да можат да користат угостителски услуги, хотели и фризери без негативен тест.

Вакцините кои не се одобрени од Европската агенција за лекови (ЕМА), како што е руската „Спутник В“ и кинеската „Синофарм“, нема да можат да бидат вклучени во „зелените пасоши“, што Австрија ги воведува како своевиден билет за угостителски објекти, базени и хотели.

Сите оние кои во странски земји се вакцинирале со овие вакцини, ќе треба да бидат тестирани пред да ги користат слободите што ќе се овозможат по олеснувањето на мерките на 19 мај, соопшти Министерството.

Исто така, Министерството не советува лицата вакцинирани со руски или кинески вакцини да бидат повторно вакцинирани во Австрија.

Инаку, во т.н. „зелен пасош“ ќе има доказ за вакцинација, негативен тест или доказ за прележан ковид-19.

– Само оние вакцини одобрени од ЕМА ќе бидат валидни како доказ за вакцинација, а тоа се вакцините „Бионтек-Фајзер“, „Модерна“, „Астра зенека“ и „Џонсон и Џонсон“ – објави Министерството.

Граѓаните кои се вакцинирале со „Спутник“ или „Синофарм“, како што соопшти Министерството, нема да можат да ги внесат овие вакцини во „зелениот пасош“ и нема да се третираат како вакцинирани, т.е. нема да можат да ги уживаат правата на вакцинираните.

Широка понуда на тестирање е исто така достапна за луѓето кои доброволно биле вакцинирани со вакцини што не се одобрени во ЕУ – изјави министерот за здравство Волфганг Микштајн во изјава за агеницјата АПА.