За бездомниците постојат бројни предрасуди и стереотипи во јавноста и општественото битисување. Од таму најверојатно тоа и било причина да бидат оставени подолго време на маргините на нашето т.н. граѓанско општество. Така, постои мислење дека бездомниците се сами виновни за својата состојба, дека всушност сакаат да бидат бездомници, дека не работат затоа што не сакаат всушност да работат или пак да се обидат бар да најдат работа, дека евентуално се ментално болни, дека се зависници од дрога, алкохол, итн. Тоа се најчесто токму оние лица/граѓани кои буквално како да се невидливи за повеќето од нас. Се сретнуваме со нив, ги одминуваме и буквално никакво внимание не им упатувамеа а, уште помалку, да се одважуваме да размениме збор/два со нив, да ги прашаме дали се во ред и дали нешто им теба!? Замислете а со децении градиме (навидум) социјална држава за што и во Уставот сме така декларирани!
Без оглед на причините кои ги довеле до состојба да немаат дом (или го имаат ама поради нив разбирливи причини, не сакаат да живеат во него, за сите нив е заеднички именител тоа што немаат услови за адекватно и соодветно домување, немаат сопствени извори на приходи, со кои би си овозможиле минимум егзистенција, делумно или целосно ги имаат прекинато врските во семејната или социјалната средина и живеејќи како бездомни лица, изложени се на бројни ризици по сопственото здравје и живот.
Некои од почесто користените обиди за дефинирање на бездомните лица во светот се:
-Бездомникот е лице кое нема постојано, соодветно и адекватно место за ноќевање навечер;
-Бездомникот е лице чие што примарно место за живеење се: јавни или приватно водени прифатилишта (центри), подложни на надзор, кои нудат привремено сместување и живеење, институции кои нудат привремено сместување на лица кои треба да бидат институционализирани или јавни или приватни објекти/места (железнички станици, гаражи, подземни премини) кои не се наменети како вообичаено место за спиење на луѓето.
Освен овие постојат и одредени стереотипни перцепции за бездомниците како:
–Невидливост (егзистенцијата на овие лица на улиците изгледа незабележлива за луѓето кои поминуваат покрај нив);
–Изолација (бездомниците се се исклучени од повеќето социјални активности на луѓето кои имаат дом);
–Имплицирана возрасна дигресија (повеќето од луѓето ги третираат како деца или дури како деца со успорен интелектуален развој).
Согласно ваквите сваќања,” бездомни лица” се оние кои што спијат на улица, во влезови на станбени згради, под мостови, на железнички станици, паркови, напуштени објекти. Тргнувајќи од ваквите дефиниции во светот, неопходно е да се издиференцираат индикатори, врз основа на кои поконкретно би можело да се опише појавата во наши услови.
Освен перманентното отсуство на дом и услови за ноќевање, појавата на бездомништво во Македонија може да се поврзе и со неколку други индикатори: Отсуство на социјална подршка од блиски сродници, експлицитна сиромаштија-очигледна преку отсуство на движен/ недвижен имот, постојани извори на приходи по основ на вработеност, стекнато или наследно право на пензија или друг вид на социјални бенефити и приходи, изложеност на ризик за неостварување на права од областа на социјалната и здравствената заштита, поради целосно отсуство или некомплетна лична документација.
Изложеност на други бројни ризици, поради континуираниот престој на улица, ризик од злоставување,насилство, зависност од дроги, алкохол, вовлекување во деликвентно однесување, заради потребата од обезбедување на средства заегзистенција итн.
Врз основа на претходно разгледаните ризици, критериумите, согласно кои на едно лице ќе му се додели статусот на лице – бездомник се: перманентно отсуство на дом и услови за ноќевање, подолго од 1-месец, отсуство на социјална подршка од блиски сродници, експлицитна сиромаштија, која може да се потврди преку отсуство на постојани извори на приходи по основ на вработеност или стекнато или наследено право на пензија, признавањето на статус на бездомно лице на корисникот е условено со постоење на сите три наведени критериуми. Сепак, освен овие, не е исклучено постоењето и на други ризици по животот и здравјето на корисникот (старост, нарушена здравствена состојба, физичка и/или интелектуална попреченост, непланирана бременност кај малолетни девојки, непостоењето на соодветен план за социјална интеграција и адаптација на младинци, кои се наоѓаат во фаза на отпуст, после долготрајна институционализација, како и на лица кои излегле од затвор по отслужувањето на затвосрката казна, итн.).
Еден значаен чекор напред во обидот да се подобри заштитата на оваа група на социјално исклучени граѓани, претсатвуваат повремените но континуирани измени и подобрување на мерките и заштитата предвидени во Законот за социјална заштита. Имено, согласно одредени измени на истиот Закон, на оваа група на граѓани им беше овозможено преку Центарот за бездомници – правото на дневно и привремено прифаќање и згрижување на лица-бездомници, преку давање советодавни услуги, услуги во врска со исхрана, дневен престој, одржување на хигиена и културно-забавни активности.
Негова основна функција е да им помогне на лицата-бездомници, за одреден краток период (до шест месеци, со можност за продолжување на уште шест месеци) да добијат соодветни услови за домување и да им се понудат различни форми и содржини на работа. Пред се, и заради нивно оспособување за социјални, животни и хигенски вештини, како и вештини за барање на работа и задржување на работното место, итн., кои ќе им помогнат во нивната понатамошна социјална реинтеграција. Истовремено, стучните работници од ЦСР ќе работат на решавање на нивниот проблем изнаоѓање соодветно место за домување.
Согласно споменатите измени во Законот за социјална заштита и согласно професионалната етика на стручните работници во социјалната дејност, неопходно е и понатаму да работат на изнаоѓање начин за насочување кон социјализацијата, општественото поведение и интеграција на овие лица, кон општествено прифатливи модели на однесување. Со тоа, ќе се направи обид за планирање на нивната иднина, полесно интегрурање и трансформација на бездомните лица во полезни граѓани на општествената заедница. Дотолку повеќе што на тоа не обврзува и политиката на Министерството за труд и социјална политика, според која заштитата на оваа група ранливи лица, претставува една од приоритетните задачи во престојниот период.
Заштитата на лицата бездомници во системот на социјална заштита се реализира, пред се согласно: Закон за социјална заштита и Закон за семејство. Сепак, одделни аспекти на оваа проблематика се третираат и во рамките на областа на здравствената дејснот и МВР, согласно пропишаните законски мерки според кои тие службено постапуваат.
Оттука, се потенцира важноста за мулти-секторски пристап во третирањето на оваа група социјално-исклучени лица.
Мрежа на партнерство во работа со бездомни лица
Стручните работници од Центрите за социјална работа, при реализација на стручната работа од аспект на намалување на бројот на бездомниците изложени на влијанието на улицата, соработува со други поединци, организации, институции и здруженија на ниво на локална заедница и во таа смисла преземаат мерки и активности за развивање на мрежа за соработка со локалните партнери.
Воспоставувањето соработка со локалните партнери е потребно во сите фази од работата со лицата бездомници:
- организирање и реализирање на превентивна работа (на сите нивоа на превенција);
- Реализација на стручната работа со лицата бездомници, како работа во областа на ресоцијализација и вклучување на лицата бездомници во општествто, со паралелна работа на намалување/отстранување на штетните влијанија и
- Ризици кои доаѓаат од престојувањето на улица.
Во таа смисла, ЦСР соработува со следните парнери во локалната заедница: Подрачна единица на МВР или полициска станица, особено кога ЦСР има потреба од асистенција на полицијата при реализирање теренска активност за евдентирање на лицата бездомници, кога полицијата треба да го информира ЦСР за ново-откриени лица-бездмоници, заради водење заедничка евиденција за истите особено во поглед на манифестираното однесување за време на престојот на улица и други податоци од заеднички интерес.
Понатаму и јавни и приватни установи за здравствена заштита заради обезбедување примарна, ургентна или друг вид на здравствена заштита, невладини организации, кои можат да реализираат проектни активности – како поддршка на ЦСР во однос на третманот на одредени аспекти од проблематиката на лицата-бездомници и од кои можат да бидат ангажирани волонтери за помош во реализација на определени заеднички активности со ЦСР, средства за јавно информирање, со кои ЦСР мора и треба да соработуваат пред се заради анимирање на населението, за подигање на јавната свест за постоењето на бездомништото и откривање и пријавување на овие лица. Потоа граѓаните, други правни лица и организации на планот на откривање и пријавување на случаите на бездомништвото како и во реализација на превентвни мерки и активности. Соработката може да се реализира меѓу поединци од разни институции, на ниво на служби или институции, со примена на разни форми на сорабокта (формирање на иницијативни или координативни тела, комисии, заеднички мултипрофесионални стручни тимови итн.).
Автор: Душко Миновски