Според новата студија објавена од престижната „Лансет онкологија“, алкохолот е поврзан со околу 740 000 нови карциноми ширум светот во 2020 година, што претставува четири проценти од сите ново дијагностицирани карциноми таа година.

Треба да се напомене дека дури и релативно ниско ниво на потрошувачка на алкохол може да придонесе за зголемување на инциденцата на рак, што е загрижувачко, но исто така сугерира дека малите промени во потрошувачката на алкохол може да имаат позитивно влијание врз идните стапки на карцином.

Дури 77 проценти од случаите на рак поврзани со алкохол биле поврзани со мажи и 23 проценти со жени. Анализата за испитување на продажбата на алкохол и медицинските досиеја во 240 земји покажа дека повеќето случаи поврзани со алкохол се карциноми на хранопровод, црн дроб и дојка.

Земјите со најголем процент на карцином поврзани со консумирање алкохол се: Монголија, Молдавија, Романија, Белорусија, Кина, Португалија, Русија, Лаос и Украина.

Научниците забележуваат дека алкохолот може да придонесе за развој на рак предизвикувајќи оштетување на ДНК што го зголемува производството на штетни хемиски соединенија во организмот и влијае на производството на хормони.

Алкохолот исто така може да ги влоши ефектите на тутунот и другите штетни материи кои предизвикуваат рак.

Раководител на истражување на Кралскиот колеџ во Лондон, др. Сејди Бонифас предупреди дека истражувањето покажало дека постои зголемен ризик од рак на дојка, хранопровод, уста и грло, почнувајќи од мала потрошувачка на алкохол, како и зголемен ризик од рак на црниот дроб и дебелото црево на повисоки нивоа на пиење.