Според најавите на Републичкиот хидрометеоролошки завод, денеска во текот на денот дневните температури во Македонија можат да достигнат и до 17 степени, што е значително потопло во однос на претходните денови кога температурите беа околу нулата или под нула.

Веќе од викендот се очекува нагло заладување, со пад на температурите на околу 3 степени, што претставува разлика од дури 15 степени за само 24 часа.

Ваквите нагли температурни осцилации имаат значително влијание врз човечкиот организам и можат да објаснат зошто многу луѓе денеска чувствуваат замор, слабост или непријатност. Како и во лето или пролет, така и во зима, брзите промени на температурата можат да создадат чувство слично на настинка или општа исцрпеност.

Човечкото тело постојано се обидува да ја одржи внатрешната температура во тесен опсег од околу 36,5 до 37,5 степени – процес познат како терморегулација. Кога надворешната температура нагло се менува, организмот мора брзо да се прилагоди преку ширење или стеснување на крвните садови, што претставува дополнителен стрес за телото.

Наглиот пад на температурата по топол ден може да доведе до зголемување на крвниот притисок, оптоварување на срцето, главоболки, вртоглавица и чувство на слабост. Овие реакции се поизразени кај метеоропатите, лицата со хронични срцеви или респираторни заболувања, постарите лица и оние со ослабен имунитет.

Покрај физичките симптоми, ваквите временски промени можат да влијаат и на психичката состојба, предизвикувајќи замор, промени во расположението и намалена концентрација.

Стручњаците советуваат внимателно следење на сопствената здравствена состојба, соодветно облекување и, доколку е потребно, консултација со здравствен работник.