Бугарската стратегија за вакцинација се чини дека се заснова врз новата вакцина на „Астра зенека“, во однос на оние на „Фајзер“ и на „Модерна“ кои веќе се одобрени во Европската Унија (ЕУ), известува бугарското издание на „ЕУрактив“ повикувајќи се на документи кои протекоа во јавноста и на неофицијални информации.

Документите врз кои „ЕУрактив“ имал увид, наводно покажуваат дека Бугарија била штедлива кога станува збор за нарачката на вакцини, како што се тврди во написот. Според документите, Бугарија е дел од т.н. „штедлива група“ заедно со Чешка и со Хрватска, чија досегашна нарачка на вакцини изнесува речиси колку и бројот на нивното население.

Бугарија нарачала вкупно девет милиони вакцини. За споредба, Данска која има приближно ист број на жители, нарачала повеќе од 25 милиони дози на вакцини, од кои шест милиони дози се на „Модерна“, додека Бугарија нарачала половина милион дози од истиот произведувач.

Бугарија од секоја пратка на вакцини против ковид-19, кои директно ги купила од производителите, дел ќе донира и на Македонија, како што беше истакнато при посетата на министерот на здравство Венко Филипче на Софија, во декември минатата година.