Премиерот Зоран Заев го искоментира говорот на претседателот Стево Пендаровски пред пратениците во Собранието.
Меѓудругото тој се осврна на позицијата на претседателот во однос на бугарско-македонскиот спор и посочи дека споделуваат согласност дека за македонските идентитетски прашања – јазикот и националната припадност, нема преговори.
–Го поздравуваме фактот што со претседателот Пендаровски сме едномислени во однос на одбраната на државните позиции и интереси за нашата иднина во ЕУ, како и во пристапот за решенија за прашањата со Бугарија.
Од неговото обраќање е јасно дека делиме заеднички став и едногласност дека за македонските идентитетски прашања – јазикот и националната припадност како Македонци, нема преговори. Тие се потврдени и меѓународно признаени. Се потврдува и нашето заедништво и благодарност и во однос на поддршката што ја добиваме од албанскиот и од сите други народи во нашата земја, за разбирањето за нашите напори да го сочуваме и промовираме македонскиот идентитет, напиша премиерот Заев на својот фејсбук профил.