Еден месец по излегувањето од печат на стрипот „Улица“ во авторство на визуелниот уметник Матеј Богдановски, а направен според истоимената повест на Славко Јаневски, го побаравме овој талентиран наш творец да ни раскаже повеќе околу создавањето на ова дело.
Како се роди стрипот „Улица“, какви стрипови сака да чита македонската публика и се разбира каде можете да го најдете стрипот во продажба ќе разберете во следните редови.
Матеј Богдановски е македонски визуелен уметник од Скопје. Роден е на 19 декември 1979 година во Скопје, Република Македонија. Завршил училиште за применета уметност „Лазар Личеновски“ во 1998 год.Во 2003 година дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, сликарски оддел. Во 2008 година завршил постдипломски студии на истиот факултет. Изложувал свои дела во самостојни и групни изложби во земјата и во странство.
Се занимава со графички дизајн, илустрација, стрип, сценографија
Автор и издавач е на:
- 2020, Улица, стрип (издавач фондација Славко Јаневски)
- 2018, Приказно од Чудновија, книга
- 2017, СКОПЈЕ РАДОС ТИ ЌЕ БИДЕШ, збирка на мимови
- 2017, РАЗГОВОРИ, боенка за креативно опуштање
- 2016 “Патенталија и Тентелина – Чиста десетка” стрип
- 2011 “ПатенталијаиТентелина епизоди 1 и 2″, стрип
- 2010, “КШШЦ”, стрип
Како се „роди“ стрипот „Улица“? Кој дел од самиот процес на создавање на ова дело Ви беше најзанимлив?
М. Богдановски: Идејата дојде од фондацијата „Славко Јаневски“, поточно од нејзиниот претседател Sвездан Георгиевски, кој ми се јави еден ден и ме праша дали би сакал да работам на стрипување на романот „Улица“. Оваа работа за мене беше предизвик затоа што прв пат правам адаптација на нечие дело во стрип. Целиот процес имаше неколку фази и сите беа интересни на свој начин, од средувањето на сценариото, визуелното конципирање и сторибордингот, цртањето на таблите до подготовката за печатење.… Сето тоа бараше и истражување за изгледот и животот во Скопје во триесетите години од минатиот век.
Какви стрипови сака да чита македонската публика и со што „Улица“ ќе го „грабне“ интересот на љубителите на таа уметност?
М. Богдановски: Генерално ние имаме мала публика за стрип, која можеби последнава децениија успева да се зголемува, благодарејќи на нови наши автори кои издаваат авторски стрипови, достапноста до странските изданија е поголема и преку интернетот, а сега имаме и специјализирана книжарница за стрипови, “Бункер”. Публиката е разнолика, од тие што ги сакаат сериијските изданија, до тие што сакаат авторски и артистички изрази во стрипот. Се надевам Улица ќе биде интересен стрип за публиката од повеќе причини. Ова е прво стрипување на наш, да речам, класик во книжевноста, Славко Јаневски, на некого може да му биде интересен затоа што е скопска приказна, прикладен е за сите возрасти, особено за младите. Целиот стрип е визуелно богат, раскажан во 120 колор страници.
Каде може да се најде „Улица“?
М. Богдановски: За сега „Улица“ го има во книжарницата за стрипови „Бункер“, а се надевам набрзо ќе го има и во други книжарници.
Вие на еден мајсторски начин сте успеале да ја отсликате приказната што Јаневски ни ја раскажува во „Улица“. Колку блиску и колку далеку сме според Вас од Скопје во тоа време? Животот, желбата за возбудливи авантури, расипништвото, злото во сите негови форми и секако најважното љубовта. Интересен е вашиот поглед како човек кој го визуализирал тоа што Јаневски ни го раскажал во неговото дело.
М. Богдановски: Скопје е денес сосема друг град, што е нормално бидејќи се работи за скоро цел век разлика а во тој период има претрпено две огромни промени како и на неговиот изглед така и на духот на градот, секако мислам на земјотресот во 63та и ск 2014. Денес Скопје е многу поголем но и поотуѓен и похаотичен град, а живеењето “на улица” како во романот на Јаневски е практично непоимливо за денешните деца, длабоко нурнати во своите мобилни телефони. “Улица” е приказна за растењето, созревањето. Низ бројните згоди и незгоди малиот Славко ги осознава разликите меѓу доброто и злото судрувајќи се со ликовите од тогашното Скопје и неговите живописни улици.
Во текот на работата околу цртањето на ликовите, го следевте строго описот на Јаневски или и дадовте поле на Вашата имагинација? Каква приказна се крие позади светлосината коса на главниот лик Јане Славковиќ?
М. Богдановски: Гледав да ги задржам главните карактеристики и тоа што е дадено како физички опис на ликот, но сепак имав и доволно простор ликовите да ги доосмислам јас. Секако гледав сите да го следат духот на тоа време. Што се однесува до косата на Славко, тој како главен лик сакав да се издвојува и да биде лесно препознатлив, но на еден суптилен начин.
Може ли стрипот како медиум да се претвори во алатка преку која класиците на македонската и светска книжевност ќе станат полесно достапни а на некој начин и полесно разбирливи за поголем број на луѓе?
М. Богдановски: Во светот тоа е веќе вообичаена пракса. Голем број литературни дела се адаптирани и во стрип верзии. Секако дека и кај нас може да се прави истото.
Кој е Вашиот омилен стрип?
М. Богдановски: Имам повеќе драги стрипови, од тие кои ги имам дома уште од дете и тие што покасно ги запозавав но, сите влијаеле врз мојот авторски развој. Ако треба да издвојам еден тоа би бил “Jewel in the skull” од James Cawthorn, кој го имам во својата библиотека.
Да очекуваме ли нов ваш проект преку кој некое друго класично дело ќе добие и стрип верзија?
М. Богдановски: Ако некој нарача такво нешто и ако се пронајдам во нарачаното, зошто да не. Имам и јас некои идеи но се’ уште е рано да се зборува за тоа.
Интервјуто го спроведе: Атанас Величков