На Захариева не треба да и се посветуваат критики, говори полни со омраза и девалвирачки коментари. За неа само пофалби. Што би рекол ренесансниот мислител – Еразмо Ротердамски треба да се пишуваат „Пофалби на глупоста“. Захариева е феномен, оти ретко кој на толку смел начин може да си ја изрази својата глупавост. Официјален претставник на држава членка на ЕУ бескрупулозно ги гази сите вредности на истата таа унија, оправдувајќи го фашистичкото минато со тоа што наметнува фашистички стандарди кон македонскиот народ.
Ако ништо друго токму неа треба да и се заблагодариме, поради сега веќе јасно видливиот контраст што се наметнува во преговарачките позиции. Од една страна имате јасно изразување на позициите и вреќа со гомна која се мачка по македонскиот национален идентитет, а од друга страна имате штама.
На Захариева треба да и се заблагодариме исто така бидејќи ни даде тема за дискусија што ќе го бои јавното мнение на еден или на друг начин. Сега јавниот дискурс нема да биде празен, а неколку дена ќе дискутираме за нејзината несреќна изјава за претседателот на СФРЈ. Секој со свои аргументи, коментари, колумни и мислења, некои извлечени од здравиот разум, некои од етички побуди, помалку или повеќе пристрасни, а ги има и такви кои се изнесуваат по нарачка на милјето за октроирање.
Но, секако дискусии ќе се водат само на фејсбук, во електронски медиуми и во популистички групи, дискусии ќе се водат помеѓу граѓани и слободни стрелци кои немаат голем импакт врз конечниот резултат од спорот со Бугарија. Наместо изјавата на Захариева можеби повеќе би требало да не загрижува лицемерието на оние што ги плаќаме со буџетски пари да ни ги застапуваат интересите во Собрание. Таму, во законодавниот дом на Македонија освен лидерот на Левица кој се обидува да го актуелизира прашањето, ниту еден говор за бугарско-македонскиот спор не слушнавме.
Додека опозицијата ги има најсмешните можни протести и перформанси со кои само глуми дека е опозиција, гордата Еврејка од Македонија која освен што видовме дека добро јава и има глумечки таленти, не се огласи ниту еднаш на провокациите од бугарската страна. Па веројатно таа е најповикана да застане во одбрана на својот народ, оти на таа карта ги собра сите гласачки поени и си го смести газето во Собрание.
Министер за надворешни работи на Бугарија пробува да си го испере народот во македонската историја и тоа е легитимно. Само Бугарите може да пишуваат историја во сегашноста.
Но, македонскиот министер за надворешни работи, кутриот е уште поголем мечтател. Тој секоја вечер го сонува датумот за преговори, ама тешко дека некогаш ќе се разбуди од тој сон. Нему ништо не му е јасно, тој само сака во ЕУ по секоја цена и просто се чуди како може воопшто да се расправа за Гоце Делчев и Тито и фашизам и комунизам, зарем тоа на еден Албанец во Македонија му е важно?
Немаме пратеници кои го застапуваат јавно и официјално тоа што си го збориме у брада или го пишуваме на фејсбук, немаме официјален владин функционер кој ќе ги застапува нашите интереси, изгледа ние во Македонија само уште гол живот имаме, ако и тоа не ни го одземат, откако ќе ни ги одземат бугарските пасоши и партиските книшки кои не вработија.
Многу толеранција имаме кон оние од кои треба да бараме одговорност, како за народ кој толку сочно пцуе по социјални мрежи и има што да каже јасно и гласно кога се другите во прашање, кога е Захариева во прашање. Изгоревме во сопствениот пламен на омраза да докажеме дека Тито е наш сигурно, Гоце ако треба и ќе го делиме. Ама изјавата на Захариева не може да ме допре, оти не можам да се идентификувам со човек кој испраќал луѓе на Голи Оток само затоа што имале мислење различно од неговото. Таа удира во празно, а ние упорно го фаќаме погрешниот пат давајќи фокус на нејзините изјави без да видиме дека сме оставени сами на себе, аморфна маса која само испушта реченици – меури во воздух.
Никој нема суверено право да присвојува историја и да одредува кој со кого смее или не да се идентификува. Во бугарската верзија од историјата тие се спасители на еврејскиот народ, а антифашистичката ЕУ не им го оспорува правото да се идентификуваат со таа верзија од приказната, бидејќи нели оспорувањето значи и газење по европските вредности. Искрено ми се сере од такви европски вредности кои Бугарија ги застапува, а мислам дека луѓето во Македонија веќе немаат желудник да го сварат тоа европско лицемерие на аростократска ракавица.
Може да се идентификуваме и со Гоце и со Тито, тоа никој не може да го забрани, но на сопствена одговорност избираме да се идентификуваме со историска личност за кој светот е поле за културен натпревар помеѓу народите и тоа го изјавува во алкохоличен делириум со пушка во рака чија намена не е да создава, туку да убива луѓе. На сопствена одговорност избираме и да се идентификуваме со историска личност поради која многу луѓе претрпеле терор оти размислувале различно од Маршалот. Додека ги копаме и најситните изјави за восхит кон вакви историски личности, забораваме на многу талентирани, скромни, посветени, тродољубиви и генијални интелектуалци и уметници од Македонија кои навистина ја унапредиле и нашата средина и светот.
Ако се сеќавате глас не кренавме кога училиште во Чаир од „Никола Вапцаров“ се преименува во „Имри Елези“. Тоа не го сфативме како атак на македонскиот идентитет, ама навредите кон Тито и кон Гоце не оставија без сон. Бидејќи Никола Вапцаров држел пенкало во рака, другите двајца држеле оружје и со куршуми и крв си ги испишале потрајно страниците од историјата.
Захариева е среќен лик кој го собра сиот гнев на македонскиот народ. Пред ЕУ таа е жртва на нашата омраза, пред својот народ, таа е херој кој доследно ги брани нивните интереси дури и по цена да е персона нон грата во перцепцијата на друг народ. Голема услуга и правиме на Захариева, не магарешка, туку буквална, како што таа им прави на своите колеги – политичари од Македонија. Што успешно можат да си ги кријат своите недела зад сенката на делата на Захариева.
Не е проблем, Тито нема да ни го земат, нема да ни го земат ни Гоце, не дај боже да почне да се води полемика за Заев и него нема да го дадеме. Какви се такви се, наши си се!
Автор: Магдалена Стојмановиќ