Откога американскиот министер за правда, Бил Бар, ги овласти сојузните обвинители да поведат истрага за нерегуларности на претседателските избори во САД, шефот на одделот за изборен криминал при Министерството одлучи да поднесе оставка.
– Откако се запознав со новата политика и нејзините последици, со жалење морам да се повлечам од мојата улога како директор на одделот за изборен криминал – напиша Ричард Пилгер во електронската порака до своите колеги, објави „Њујорк тајмс“.
Пилгер, наводно, рекол дека ќе добие друга улога во Министерството за правда и ќе работи на одделот за гонење корупција.
Претходно, одделот за изборен криминал не преземаше отворени истражни чекори сè додека не завршат изборите, но таквиот пасивен и одложен пристап за спроведување, според Бар, може да резултира со ситуации во кои изборните неправилности не може реално да бидат исправени.