Откако беше објавено дека е постигнат договор за прекин на огнот во Нагорно-Крабах, избија демонстрации на граѓани во Ереван.
Демонстрантите упаднаа во зградата на владата, а илјадници луѓе се собраа на Плоштадот Република во центарот на градот, каде што се наоѓа зградата на ерменската влада.
Како што објави Спутник Ерменија, претседателот на ерменскиот парламент, Арарат Мирзојјан, бил претепан од демонстрантите, а за време на протестот се слушнале истрели. Некои од демонстрантите се упатија и кон резиденцијата на премиерот Никола Пашинијан.
Премиерот на Ерменија емитуваше видео во живо на Фејсбук во кое тврди дека нема друга опција освен да го потпише примирјето во Нагорно Карабах.
–Би сакал да ви кажам многу за ситуацијата на фронтот, но не можам, бидејќи моите зборови ќе ги загрозат војниците што се таму. Мојата сопруга и синот се уште се на позиции. Се боревме против терористите, Азербејџан и Турција, членки на НАТО. Нашата армија чесно се бореше. Им се извинувам што не можев да ја продолжам мојата работа на официјално ниво. Ова е одлука што ја донесовме, земајќи ја предвид воената ситуација и нејзиниот можен развој, рече тој.
Тој имаше порака и за демонстрантите во Ереван.
–Сите што сега го разбиваат градот, ги бодеат нашите војници одзади на фронтот. Еден политичар, кој сега бара моја оставка, вчера избега од својата позиција во Шуши. Има и луѓе кои се искрени, како што се семејствата на паднатите војници. Јас се поклонувам, рече Пашинијан.
Шефот на владата тогаш најави дека ќе продолжи да ги извршува своите должности.
–Секако дека сум во Ерменија и продолжувам целосно да ги исполнувам должностите на премиерот, напиша Пашинијан на Фејсбук.