дома животен стил Нов концепт на машкост

Нов концепт на машкост

1086
0

Феминистичките движења освен тоа што го менуваат концептот за „женскост“ имаат влијание и во определба на концепт на машкост.

До пред неколку години општо земено, на нашите простори владееше идеја за жената како „столб на семејството“ таа што е најнепосредно вклучена во грижа за децата, додека мажот е „провајдерот“ односно економскиот столб на семејството.

Потеклото на таа идеја, многумина апологети на патријархализмот го гледаа токму во биолошката оправданост. Жената е таа која ги раѓа и дои децата и таа треба да е повеќе вклучена во нивните животи додека не станат независни. Мажот, пак, е тој кој поради својата сила треба да обезбеди ресурси за да го прехрани семејството.

Поради тоа, жената во нашето општество најчесто се истоветува со улогите на сопруга и мајка, додека мажот најмногу се гледа по професијата, материјалното богатство и ситуираноста.

Но, во последните неколку години се менува концептот за „женскост“. Жените имаат свое образование, идентитет, професија, се етаблираат како клучни мислечки фигури во општеството, покажуваат способност да ги држат раководните позиции кои до пред само неколку години се сметаа за исклучиво машки.

Жените од современието стануваат се посилни и повидливи во општеството, но се чини дека постои некоја сива зона која во семејствата сепак не им ја гарантира рамноправноста.

И понатаму ќе сретнете жени кои се „растргнати“ помеѓу своите улоги на – мајка, сопруга и професионалец. Додека жената ја работи својата работа вредно за да го задржи своето работно место и да заработи пари, таа воедно размислува и за обврските што ја чекаат дома, а особено за нејзините деца.

Уморната жена ќе дојде од работа и ќе го зачека својот сопруг како „одмара“ од напорниот ден и ја чека да ги преземе грижите не само околу домот и децата, туку и околу него.

Таквиот начин на живот често произведува развод на бракови или жени кои порадо остануваат сингл отколку во заедници во кои не се третираат онака како што сметаат дека треба.

Современата жена го менува концептот на „машкост“, а најголемата иронија е тоа што патријархалното општество стимулира шовинизам или истоветување на жената со религискиот концепт на Дева Марија (буквално сфаќајќи ја алегоријата за нејзино зачнување без телесен допир) и очекуваат од жените доследен пуританизам, презирајќи ја до темел нивната сексуалност. Таквите мажи – шовинисти, сепак имаат најголема потреба од жена, бидејќи тие не знаат да функционираат самостојно.

Еве неколку промени во концепот на машкост:

man and women icon - Download Free Vectors, Clipart Graphics & Vector Art
  • На жената и треба татко на нејзините деца, а не хранител

На современата жена и треба татко на нејзините деца, а не хранител на семејството. Таа очекува од својот маж рамноправно да е вклучен во грижата околу децата – нивна исхрана, менување на пелени, перење на алишта, успивање на детето и сите други потреби кои ќе ги искаже детето.

Современата жена очекува и нејзиниот маж да се вклучи во воспитание на нејзините деца бидејќи е свесна дека повеќе перспективи од двата родитела може да бидат само плодоносни за нивното дете.

Маж кој само носи пари во домашен буџет и ги опсипува со подароци на тој начин компензирајќи го времето додека не е дома не е избор на една современа, силна и жена со интегритет.

  • Одлуките во семејството се носат преку заеднички договор

Современата жена ќе ве натера да ја заборавите фразата „Мажот е глава на куќата, а жената е врат“. Нејзината самоувереност нема да и даде простор да игра игри со вас и на лукав начин да ви ги наметнува нејзините барања.

Па затоа, нема да ви прости ако донесете одлука за заедницата без да добиете согласност од неа. Просто ако одлуката има импликации и врз жената, не смеете да ја донесувате без консултација и согласност.

  • Нема да ја толерира вашата мрзливост

Во ред е да ви подготви кафе наутро како романтичен гест, но правењето кафе или ручек современата жена нема да го смета како должност и обврска.

За неа е очекувано ручекот да го подготви и сопругот, да го подготват заедно, или да се порача од надвор доколку и двајцата немаат време за готвење.

  • Нема да прифати да ви е мајка

Таа точно знае дека ви е сопруга, а не мајка. Современата жена нема да трча да ги задоволи вашите потреби (да ви отвори пиво додека гледате фудбал) ако тоа не го смета како дел од некој гест за искажување на љубов и почит.

Современата жена нема да ви ги собира чорапите, ако си ги оставите до глава таму и ќе ви останат. Ако вам не ви пречат, неа ќе и пречат уште помалку.

  • Современата жена има став

Мажите од блиско минато се навикнати да зборуваат гласно додека до нив седи тивка жена која само се насмевнува и го потврдува тоа што тие го зборуваат. Дури и да има различен став од оној на мажот, таа нема да го искаже јавно или ќе го искаже тивко.

Современата жена има став за сите прашања и таа нема да се воздржи да го искаже во било кое време и на било кое место. Просто има свој идентитет, независен од вашиот и таа е свесна дека не е ваш додаток.

  • Не се срами од својата сексуалност

Современата жена нема да ви продава приказни за тоа колку е асексуална, го разбира сексот само како дел од репродукцијата и жестоко се кае после секој сексуален чин, бидејќи е свесна дека патријархалниот маж тоа сака да го слушне од неа.

Современата жена не се срами од својата сексуалност, таа знае дека сексуалноста е дел од нејзиното постоење и дека е сосема нормална и природна појава.

Феминизмот освен тоа што ги смени жените, многу влијаеше и врз промена на мажите. Мажите просто мора да се акомодираат на новонастанатите ситуации, инаку доколку останат исти тие веќе не би биле избор на ниту една жена, или само на она која и инаку нема голем избор.

Магдалена Стојмановиќ