дома животен стил Сите среќни семејства се слични, секое несреќно е несреќно на свој начин

Сите среќни семејства се слични, секое несреќно е несреќно на свој начин

2435
0
Teenage Family Using Gadgets Whilst Eating Breakfast Together In Kitchen

Велат дека секое семејство има свои проблеми и грижи со кои се справува. Проблемите може да се од различна природа – економски, социјални, медицински, биолошки и сл.

Како и да е, извесно е дека не постои семејство кое пред себе нема предизвик кој треба да го надмине како колектив.

Но постојат и семејства во кои членовите успеале да изградат здрави, цврсти и трајни односи што продуцираат здрави, силни и среќни индивидуи.

Ако се прашувате како изгледа едно среќно семејство, во продолжение неколку клучни дистинкции помеѓу среќно и несреќно семејство:

Family

Љубов помеѓу партнерите

Ако сакате вашите деца да го разберат концептот на љубов, доверба, почит и разбирање, мора да им го покажете со пример.

Сите партнерски релации кои се создаваат врз љубов, почит, разбирање и доверба се одличен модел за децата и тие ќе знаат од мали нозе какви односи да градат понатаму во животот и да не прифаќаат да остануваат долго во токсични средини што ќе им го уништат и здравјето и животот.

Вашите деца се огледало на вашиот однос и за тоа не треба да се чудиме доколку децата почнат да покажуваат аверзија кон брак и семејство кога ќе пораснат.

Веројатно немале добар урнек од каде може да научат што е добро семејство и брак или она што сте им го претставиле како семејство и брак е нешто со кое тие не сакаат повеќе да се соочат во животот.

Родителите ги решаваат проблемите на своите деца, а не обратно

Во среќните семејства точно се знае улогата на родител и улогата на дете. И покрај тоа што децата во среќните семејства се прашуваат за мислење и рамноправно учествуваат во одлуки за заеднички работи (Како на пример каде да се оди на одмор или какво јадење да се порача), сепак родителите не ги искажуваат своите грижи пред децата.

Во среќните семејства родителите своите проблеми ги решаваат самостојно и се трудат да ги поштедат децата од проблемите бидејќи тие се столбот носител на целото семејство, а децата се само продукт на нивната одлука, желба и љубов.

Во среќните семејства децата имаат свои грижи кои родителите би можеле да ги решат поради возраста и животното искуство, но децата не може да ги решат проблемите на своите родители бидејќи тие никогаш не биле во таа фаза во која се нивните родители за разлика од обратно.

Среќните семејства носат одлуки самостојно и не се тревожат околу тоа „што ќе речат комшиите“

Среќните семејства секогаш носат одлуки кои нив најмногу им одговараат и се борат за својата среќа. Нив не им е важно што ќе речат другите и како ќе ги искоментираат нивните одлуки.

На среќните семејства им е многу поважна благосостојбата на нивните членови, отколку лажен сјај пред луѓе кои и воопшто не се дел од нивните животи.

Семејството не е создадено по секоја цена, туку по свесна одлука и волја на поединците

Во нашето општество често се среќава фразата – семејство мора да се формира па макар и семејната средина да е крајно токсична.

Во среќните семејства жените не се омажиле затоа што така требало, мажите не го направиле изборот на таа жена затоа што била најдобриот избор за семејство, децата не дошле на свет кога другите очекувале и сл.

Среќните семејства ги формираат пред се две стабилни, возрасни, зрели и одлучни поединци.

Семејството не мора да се задржи по секоја цена

Добар развод наместо лош брак, децата не мора да ви се во близина ако не се среќни, секој има право да го избира својот пат во животот бидејќи сите поединечно тежнееме кон среќа и индивидуален напредок.

Себично е да се лутите на вашето дете затоа што одлучило да замине од дома и отиде што подалеку, можеби вие како родител не сте биле доволно одговорни да му обезбедите здрава и хармонична средина. Никој не бега од таму каде што е убаво!

-Семејството е доста комплексен колектив бидејќи релациите во семејството се на биолошка врска, се интимни и многу блиски. За да се изгради среќно семејство е потребен многу труд и способност, а среќно семејство како производ е вистински успех!

Магдалена Стојмановиќ