Во Културно-информативниот центар – Скопје е отворена изложбата „Imagine words“ на Константин Качев, која веќе е достапна за посета во изложбениот салон Империјал 1. Публиката ќе има можност да ја разгледа поставката до 14 април 2026 година.

Константин Качев, роден 1967 година во Ташкент, е еден од најзначајните современи македонски автори, познат по својот концептуален и технички прецизен пристап кон уметноста. Тој дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во 1995 година, на одделот за сликарство, конзервација и реставрација.

Неговото искуство како конзерватор на фрески во Институтот за заштита на културното наследство длабоко влијаело на неговиот пристап кон визуелната уметност, што се гледа и во неговите авторски дела. Од 1999 година, Качев целосно се посветува на сопственото творештво во своето студио.

Во текот на својата кариера, тој учествувал на бројни изложби во светски уметнички центри како Париз, Берлин, Москва и Њујорк. Меѓу неговите значајни награди се издвојува златниот медал на „Art en Capital“ во Париз.

Изложбата „Imagine words“ претставува уникатна можност публиката да навлезе во неговиот визуелен свет, каде се сретнуваат дисциплина, современ израз и лична концептуалност.