Кристин Кабот, поранешна директорка за човечки ресурси, која се најде во центарот на „Coldplay kiss cam“ скандалот, откри нови детали од приватниот живот во првото телевизиско интервју по настанот што предизвика огромно внимание во јули 2025 година.
Во разговор со Опра Винфри, Кабот изјави дека нејзиниот брак бил практично завршен уште пред спорниот момент. Таа и нејзиниот сопруг Ендру Кабот веќе четири до шест недели пред концертот одлучиле да се разделат, живееле одвоено и планирале развод.
Скандалот што стана вирален
За време на концерт на групата Coldplay на стадионот „Gillette“ во Масачусетс, Кабот беше снимана на „kiss cam“ како се прегрнува со колегата Енди Бајрон, тогашен извршен директор на компанијата Astronomer. Кога сфатила дека се на екран, го покрила лицето, додека Бајрон се повлекол, а пејачот Крис Мартин се пошегувал дека се „многу срамежливи“ или „во афера“.
По виралното ширење на снимката, Бајрон поднел оставка, а кратко потоа и Кабот, која во август 2025 година и официјално поднела барање за развод.
Во подкастот „The Oprah Podcast“, таа открила дека Бајрон ѝ кажал дека и неговиот брак бил во завршна фаза и дека со сопругата долго време живееле одвоено.
„Тоа беше целосен ужас“
Дополнителна непријатност било сознанието дека нејзиниот сопруг истата вечер бил на концертот. Како што раскажува, тоа го дознала кога ѝ пишала ќерката додека влегувала на стадионот.
„Во еден момент си помислив: дали ќе биде непријатно ако ме види со Енди? Но си реков – стадионот има 55.000 луѓе, шансите се мали“, изјави таа.
Сепак, кога се појавиле на големиот екран, следувал момент што го опишува како „целосен ужас“.
„Првата мисла ми беше: ‘Боже, мојот сопруг е тука’. Нашата разделба беше мирна и коректна. Тој и денес е една од моите најголеми поддршки. Последно што сакав беше да го засрамам“, рече Кабот.
Таа додаде дека тоа бил првпат да покаже физичка блискост со Бајрон и дека не го слушнала коментарот на Крис Мартин, бидејќи била фокусирана на можната реакција на сопругот.
Кабот призна дека направила грешка, додавајќи дека поради инцидентот ја изгубила кариерата и се соочила со сериозни последици, вклучително и закани, како и оттурнување од блиски луѓе.

















