Најсувото место на светот, Националниот парк „Долина на смртта“ во Северна Америка, годинава доживува редок природен феномен – пустинскиот пејзаж се претвори во море од шарено диво цвеќе. Овој настан, познат како „суперцветање“, се случува во просек еднаш на десет години и ја претвора сувата пустина во тепих од златни, виолетови и розови нијанси.

Дивото цвеќе во јужна Калифорнија и Невада цвета во различни периоди од годината, но ретко се случува токму Долината на смртта – позната како најтоплото место на Земјата – да биде покриена со толку богата вегетација. Во некои години суперцветањето е толку интензивно што може да се забележи дури и од вселената.

Како пустината се претвори во цветен пејзаж

Според податоците на Националната служба за паркови, од октомври наваму во Долината на смртта паднала речиси годишната количина врнежи, а ноември бил највлажниот месец досега. Со околу 43 сантиметри дожд, условите овозможиле семињата што со години биле скриени во почвата конечно да никнат.

Меѓу најзабележливите растенија е таканаречениот „пустински сончоглед“, кој создава огромни златни полиња, заедно со виолетова фацелија, жолти јагорчевини и розови пустински цветови.

Еколозите нагласуваат дека овој феномен го побива мислењето дека пустините се безживотни. Пустинските растенија, велат научниците, можат со децении да преживеат без вода, чекајќи ги идеалните услови за нивните семиња да проклијаат.

Цветањето на пониските делови од паркот се очекува да трае до крајот на март, додека на повисоките надморски височини ќе продолжи од април до јуни. Експертите предупредуваат посетителите да не ги кинат цветовите, бидејќи секој набран цвет значи помалку семиња за идните генерации.