Дубаи се соочува со сериозна закана, бидејќи воениот конфликт меѓу САД и Израел од една страна и Иран од друга ја разниша сигурноста на градот кој со години се претставува како симбол на просперитет и стабилност.
Според аналитичарите, Обединетите Арапски Емирати биле делумна цел на иранските напади поради нивните воени и разузнавачки партнерства со западните сили, но и поради улогата на Дубаи како глобален финансиски и туристички центар. Иако повеќе од 90 проценти од околу 1.700 ирански проектили биле пресретнати од противвоздушната одбрана, дел од нив погодиле воени бази, индустриски комплекси и аеродромот во Дубаи, што привремено го затворило едно од најпрометните воздушни јазли во светот.
По почетокот на нападите, десетици илјади жители и туристи го напуштиле градот. „Сјајот на Дубаи дефинитивно исчезна“, изјавил Џон Трудинџер, Британец кој 16 години живее во градот и работи како директор на училиште. Според него, многу странски наставници ја напуштиле земјата и не планираат да се вратат.
Во меѓувреме, плажите, хотелите и трговските центри се значително попразни, а туристичкиот сектор трпи сериозни загуби. Туризмот вообичаено носи околу 30 милијарди долари годишно за економијата на Дубаи, кој за разлика од другите емирати нема големи резерви на нафта.
Банките „Ситибанк“ и „Стандард Чартерд“ веќе евакуирале дел од своите вработени поради безбедносни причини. Аналитичарите предупредуваат дека доколку конфликтот продолжи, последиците за туризмот, авио-сообраќајот и странските инвестиции би можеле да бидат сериозни.
Додека богатите жители и туристи имаат можност да заминат, милиони економски мигранти кои работат во градежништвото, транспортот и услугите немаат таква опција. Во Дубаи живеат околу два милиони Индијци, стотици илјади Пакистанци и Непалци, чија егзистенција директно зависи од работата во градот.
И покрај стравот од ракетни напади, многумина од нив велат дека ќе останат, бидејќи токму Дубаи е местото каде можат да заработат за своите семејства.

















