Дел од граѓаните утрово се соочија со проблем при набавка на гориво на неколку бензински пумпи во Скопје. Според нивните сведоштва, на одредени локации не било возможно да се наточи гориво, бидејќи пумпите во моментот немале залихи.
Граѓаните велат дека биле одбиени од вработените со објаснување дека бензинската станица воопшто нема гориво. Воедно, како што посочуваат, вработените не можеле да дадат информација кога ќе пристигне нова испорака.
Поради ваквата состојба, дел од возачите биле принудени да бараат гориво на други бензински пумпи низ градот. На некои локации се забележуваше и зголемена фреквенција на возила, откако граѓаните се обидуваа да обезбедат гориво.
Засега нема официјална информација од надлежните институции или од компаниите што управуваат со бензинските пумпи за причините за недостигот на гориво, ниту дали станува збор за привремен прекин во снабдувањето.
Граѓаните очекуваат институциите и компаниите што се занимаваат со дистрибуција на горива наскоро да излезат со појаснување за состојбата и да информираат кога ќе се нормализира снабдувањето.
















