Зголемената неизвесност во светот почнува да се одразува и врз плановите за патување на македонските граѓани. Иако нема официјална забрана за патувања, дел од туристите во последните денови одлучуваат да ги откажат веќе резервираните аранжмани, најчесто поради лична загриженост за безбедноста. Туристичките агенции, пак, велат дека се наоѓаат во незавидна позиција – помеѓу стравот на патниците и договорните обврски кон странските партнери.

Од Националната асоцијација на туристички агенции (НАТА) посочуваат дека во моментот постои само препорака за воздржување од одредени патувања, но не и формална забрана која би овозможила автоматско откажување на аранжманите без финансиски последици.

„Постои препорака од Министерството за надворешни работи за воздржување од патувања, но не постои никаква официјална забрана. Туристичките агенции во оваа ситуација се наоѓаат помеѓу легитимната загриженост на граѓаните и договорните обврски кон странските партнери и авиокомпаниите. Важно е да се нагласи дека туристичките агенции како организатори на патувањата не можат самоволно да ги откажат патувањата доколку транспортот и туристичките услуги се одвиваат нормално. Во случај кога патниците одлучуваат да го откажат патувањето од лични причини се применува скалата за откажување која е составен дел од секој договор за патување. Во најдобар случај доколку средствата бидат рефундирани од страна на странските туроператори или партнери тие ќе им бидат вратени и на патниците. Но во овој момент не можеме да шпекулираме за конечниот исход. Истовремено сакаме да потсетиме дека изминатите денови по повод Осми март илјадници македонски туристи веќе отпатувале на различни европски дестинации и нивните патувања се одвиваат непречено. Затоа упатуваме јавен апел до граѓаните да се воздржат од избрзани одлуки и масовни откажувања на патувањата кои во овој момент одат целосно на штета на туристичките агенции кои парите веќе ги уплатиле на странските авиокомпании и немаат можност да им ги рефундираат на патниците“, вели Александар Чоневски, член на Управниот одбор на НАТА.

Според асоцијацијата, само во изминатата недела десетици патници одлучиле да ги повлечат своите патувања и покрај тоа што во дел од дестинациите нема никакви ограничувања или знаци за кризна состојба.

Од НАТА појаснуваат дека правната рамка е јасна и дека патниците имаат право да се откажат од патувањето, но во таков случај мора да се почитуваат условите наведени во договорите.

„Согласно член 9 3/3 од Законот за облигациони односи патникот има право да го раскине договорот за организирано патување во секој момент пред почетокот на патувањето, но во таков случај е должен да ги надомести реалните трошоци и отказната такса. Бесплатно раскинување на договорот без финансиски последици е можно само во случај на вонредни состојби, како што се прогласена воена состојба или сериозна криза. Личниот став или субјективното мислење без официјално прогласување на вонредна состојба од надлежните во патувачката дестинација не подразбира бесплатно раскинување на договорите“, истакна Ана Марија Алексова – Малева, претседателка на НАТА.

Таа додава дека во изминатата недела околу 90 до 100 патници ги откажале своите аранжмани, дури и за дестинации во Европа каде што авиолиниите функционираат редовно и нема официјални предупредувања за безбедносна криза.

Во вакви услови, туристичките агенции очекуваат поддршка и дијалог со институциите. Од асоцијацијата информираат дека веќе побарале средба со Министерството за култура и туризам за да се разгледаат можни решенија кои би ги заштитиле и патниците и туристичките агенции, особено во ситуации кога средствата за патувањата веќе се префрлени кон странските авиокомпании и партнери.