Грижливите татковци се вистинска реткост во животинското царство. Истражувањата покажуваат дека само 3 до 5 проценти од мажјаците меѓу цицачите преземаат активна улога во одгледувањето на потомството. Но, причината зошто некои се посклони кон родителство од други можеби, барем делумно, се сведува на – невробиологијата.
Нова студија објавена во списанието Nature, а пренесена од Scientific American, покажува дека еден единствен ген може да има клучна улога во тоа дали мажјаците ќе се грижат за своите младенчиња. Истражувањето било спроведено врз африкански пругасти глувци (Rhabdomys pumilio), вид кај кој мажјаците често учествуваат во грижата за младите.
Научниците откриле дека поагресивните мажјаци имале повисоко ниво на експресија на генот агутi (agouti), во споредба со оние што покажувале повеќе грижа. Кога истражувачите вештачки го зголемиле активирањето на овој ген кај грижливи мажјаци, тие станувале поагресивни, па дури и склони кон инфантицид. Дополнително, се покажало дека социо-еколошките услови играат важна улога: социјалната изолација по одбивањето од мајката ја зголемувала татковската грижа, додека животот во погусти групи ја зголемувал агресијата.
Активноста била поврзана со медијалната преоптичка област во хипоталамусот – регион поврзан со родителско однесување. Генот агутi, познат по својата улога во пигментацијата и метаболизмот, се покажал како регулатор што ги интегрира долгорочните услови на живеење, а не моменталната достапност на храна.
Авторката на студијата, Кетрин Пења од Универзитетот Принстон, истакнала дека мажјаците „веќе го имаат потребниот капацитет да бидат добри татковци“, но однесувањето зависи од условите во кои живеат. Овие наоди претставуваат значаен чекор напред во разбирањето на невробиолошките механизми што стојат зад татковската грижа кај цицачите.















