Сите сме слушнале дека најдобар начин за решавање на некој проблем е „да преспиеме“. Се покажува дека во оваа изрека има повеќе вистина отколку што се мислело досега.
Иако постојат бројни приказни за моменти на инспирација кои произлегуваат од соништата, научните докази долго време беа ограничени поради тешкотиите во систематско влијание врз содржината на соништата.
Нова студија на невронаучници од Северозападниот универзитет во Илиноис покажува дека е можно да се влијае врз соништата и да се потврди теоријата дека соништата за време на РЕМ-фазата на спиење – кога се јавуваат брзи движења на очите и можна е луцидност – можат да помогнат во наоѓање креативни решенија за проблеми.
Истражувачите користеле метод наречен целна реактивација на меморијата (TMR), при што за време на спиењето пуштале звуци поврзани со претходно нерешени задачи, но само кога електрофизиолошките мерења потврдувале дека испитаниците навистина спијат. На овој начин биле поттикнати соништа поврзани со конкретни загатки.
Резултатите покажале дека 75% од учесниците сонувале содржини поврзани со нерешените проблеми, а загатките кои се појавиле во соништата биле решавани значително почесто по будењето – 42% наспроти 17%.
Иако ова не претставува конечен доказ дека самото сонување директно води до решавање, научниците сметаат дека техниката на „инженеринг на соништата“ е важен чекор кон подобро разбирање на улогата на сонот во креативното размислување.
Истражувачите нагласуваат дека многу современи проблеми бараат креативни решенија и дека подлабокото разбирање на соништата може да придонесе за подобро ментално здравје, учење и емоционална рамнотежа.















