ССМ утрово започна со блокади со цел да го зголеми притисокот врз институциите и да се избори за поголемо зголемување на минималната плата од законски предвидените 1.600 денари. Како прва цел на синдикалните активности се пратениците во Собранието, кои, според ССМ, речиси една година го блокирале Законот за минимална плата, како и исплатата на додатоците за храна и превоз.

Синдикалците најавија блокада на двете улици пред и зад Собранието, со што ќе им се оневозможи пристап на пратениците до собранискиот паркинг и гаражата. Од ССМ порачуваат дека, како и работниците, и пратениците треба да користат јавен превоз, а посочуваат и дека утре нема да можат да си ги подигнат патните трошоци.

Од Сојузот на синдикатите на Македонија оценуваат дека пратениците и понатаму се „глуви и слепи“ за нивните барања – зголемување на минималната плата, како и раст на останатите работнички плати за најмалку 6.000 денари. Игнорирана, според ССМ, останува и последната иницијатива за драстично намалување на платите на пратениците.

„Баравме пратениците да си ги намалат платите за 80 проценти или основицата за пресметка да ја намалат од просечна на минимална плата. Нека дојдат и тие на минималец, па потоа нека зборуваат колку е добро да се живее со минимална плата во Македонија“, изјави претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.