Стоматолошката Ordinacija Cvijanović изминатите денови се најде во центарот на јавноста поради смртта на белградскиот фризер Матија Радуловиќ, познат како „Maki king of hair“. Ординацијата на својот профил на TikTok објави видео, наведувајќи дека тоа е нивно прво и последно јавно обраќање поврзано со овој трагичен случај.

Од ординацијата тврдат дека Матија по напуштањето на нивната установа немал ниту инфекција, ниту циста, спротивно на тврдењата што тој ги изнесувал во свои видеа. Поради, како што велат, силната тортура и навреди од корисници на социјалните мрежи, биле принудени да се огласат и детално да го објаснат текот на стоматолошкиот третман.

Според нивното соопштение, Радуловиќ првпат дошол во ординацијата веќе со поставени нови заби, но бил незадоволен. Од октомври 2024 година се појавиле естетски проблеми, поради што повеќепати биле менувани крунки, и тоа на трошок на ординацијата. Последната замена била направена во мај 2025 година, по што пациентот повеќе не се вратил. Тие нагласуваат дека тој излегол без импланти, без инфекција и без циста, а понатамошното лекување го продолжил во друга ординација.

Ординацијата ги повика медиумите да го истражат вистинскиот причинител на смртта и да утврдат дали пациентот имал хронично заболување, оценувајќи ги јавно изнесените тврдења како неосновани и непроверени. Истакнаа дека нема да се огласуваат понатаму, бидејќи, како што велат, немаат поврзаност со случајот.

Да потсетиме, причината за смртта на Матија Радуловиќ, кој почина на 43-годишна возраст на Бадник, сè уште не е официјално соопштена. По неговата смрт, на социјалната мрежа X се појавија видеа во кои тој зборува за сериозни проблеми со забите, најавува тужби и судски вештачења, како и фотографии „пред и потоа“ од неговата вилица, објавувани и на Instagram.