Со емотивна порака, придружена со фотографии и видео од заедничките моменти, пејачката Елена Ристеска ѝ оддаде почит на својата пријателка Сара Пројковска, која го загуби животот во трагичниот настан во кочанската дискотека Пулс.

СРЕЌЕН РОДЕНДЕН НА НЕБОТО, САРЕ! Секоја помисла на тебе секој ден ми создава болка во душата и солзи на очите. ‘Усни како темно мастило’ засекогаш ќе остане твоја песна. Недостигаш…“, напиша Ристеска во објавата која предизвика силни реакции и бројни пораки со поддршка и сочувство.

Јавноста досега не беше запознаена дека токму Сара Пројковска била дел од изведбата на „Усни како темно мастило“ еден од најголемите хитови на современата музичка сцена. 

Со ваквата порака, пејачката уште еднаш потсети на длабоката врска и пријателството што ги поврзуваше, но и на болката што останува по загубата на блиска личност. Објавата беше споделена на денот кога Сара ќе го славеше својот роденден, што дополнително ја засили емотивната тежина на пораката.

Трагедијата што се случи во Кочани остави длабока трага во јавноста, а спомените за Сара и понатаму живеат преку зборовите и сеќавањата на оние што ја познаваа и ја сакаа.