Берово сè почесто се издвојува како една од најпосакуваните дестинации за зимски одмор во Македонија. Сместено во срцето на Малешевијата, опкружено со густи борови шуми, чист воздух и мир што ретко каде може да се најде, Берово со право го носи епитетот – рај за зимски туризам.
Во зимските месеци, градот нуди идеален баланс меѓу активен одмор и целосна релаксација. Прошетките низ снежната природа, викендите во планинските куќи и хотелите со камини, како и тишината што ја нарушува само звукот на природата, го прават Берово совршено место за бегство од градската врева.
Освен по природните убавини, Берово е препознатливо и како вистински гастрономски рај. Домашните специјалитети, подготвени по традиционални рецепти – од малешевски сирења и месни деликатеси, до топли чорби и домашни слатка – ги освојуваат сите посетители. Дополнителен плус се и пристојните цени, поради кои туристите добиваат врвно искуство без голем финансиски товар.
Посебна вредност на Берово се луѓето – топли, срдачни и исклучително гостопримливи. Токму таа човечка димензија прави посетителите да се чувствуваат како дома и да се враќаат повторно. Поради тоа, во зимскиот период, домашниот туризам во Берово традиционално е во пораст.
Фото извор: Википедиа
















