Цените за летувања во предсезона за претстојната 2026 година се слични или до десет отсто повисоки во однос на оваа година, а аранжманите за популарни летовалишта во Грција може да се најдат веќе од 90 евра по лице.

Токму поради пониските цени, помалиот број туристи и пријатните температури, ваквите патувања години наназад се особено популарни меѓу пензионерите, но и кај сите кои сакаат помирен и поевтин одмор.

Според ценовниците на туристичките агенции, во предсезона летувањето во Пефки може да се резервира по цени од 90 до 140 евра, додека аранжманите за Неа Пори се движат помеѓу 99 и 159 евра. Паралија нуди најповолни опции, со цени од 100 до 110 евра, додека Ставрос и Лептокарија се во опсег од 100 до 180 евра. Олимпик бич чини од 110 до 205 евра, а нешто поскапа, но сѐ уште поволна дестинација е Аспровалта, со цени од 130 до 175 евра. Сите наведени износи се во евра и се однесуваат на престој во предсезона.

Предности на предсезоната

Летувањата во предсезона се и понатаму поволни. Предноста на ваквите летувања, покрај значително пониската цена во однос на врвната сезона, е и квалитетот на одморот. Плажите се со помала гужва, сообраќајот е растеретен, а услугата во хотелите и апартманите често е подобра отколку во јули и август.

Температурите се пријатни за постари патници и лица со хронични здравствени проблеми, што дополнително објаснува зошто пензионерите најчесто се одлучуваат токму за предсезона.

Идеален одмор

Во споредба со септември, кој исто така се смета за поволен месец за патувања, предсезона има предност во постабилното време и поголемата понуда на термини. Додека во септември може да дојде до оладување на морето и пократки денови, во мај и јуни морето се брзо загрева, а деновите се подолги и сончеви, што многумина патници го сметаат за идеално за одмор.

Попусти до 15 отсто за јули и август

Дополнителен поттик за рана резервација се и попустите кои многу агенции ги нудат за уплати во целост. Актуелните попусти за резервации во јули и август изнесуваат до 15 отсто, што ја прави вкупната цена на аранжманот уште по достапна. Поради тоа туристичките работници советуваат планирањето на одмор за 2026 година да започне веќе сега, за да се обезбеди најповолно летување со максимален комфор и мир.

Ценовник за летувања во предсезона:
  • Неа Пори: 99–159

  • Пефки: 90–140

  • Паралија: 100–110

  • Ставрос: 100–180

  • Олимпик бич: 110–205

  • Лептокарија: 100–180

  • Аспровалта: 130–175

Сите износи се во евра.

 Фото извор: Pexels