Јованка Броз не ја следеше модата – таа ја создаваше. Со стил кој беше истовремено гламурозен и воздржан, таа изгради препознатлив изглед што и денес се смета за симбол на елеганција. Нејзината карактеристична висока, богата пунџа не беше случаен избор, туку јасна порака дека не сака да се прилагодува на туѓи очекувања.
Како сопруга на Јосип Броз Тито и прва дама на Југославија, Јованка силно влијаеше врз развојот на домашната модна сцена и ги поддржуваше југословенските дизајнери. Иако ги следеше светските трендови, таа истовремено поставуваше свои стандарди – најчесто носеше фустани со V-изрез, нагласен струк, квалитетни кожни чанти, бисерни ѓердани и секогаш истата, внимателно обликувана пунџа.
Во партизанските денови носела поедноставна фризура, но со влегувањето во улогата на прва дама ја обликувала својата густа, црна коса во пунџа со голем волумен, која станала нејзин заштитен знак. Нејзината кројачка, познатата Жужи Јелинек, подоцна раскажа дека се обидувала да ја убеди да ја смени фризурата, но Јованка одбивала. Таа верувала дека жената треба да остане доследна на себе, а не на туѓите вкусови.
Според сведоштвата, и самиот Тито придавал големо значење на нејзиниот изглед и инсистирал секогаш да биде облечена беспрекорно. Јованка Броз остана запаметена и како прва дама која редовно присуствуваше на модни ревии и ги поддржуваше домашните креатори, особено Александар Јоксимовиќ, како и традиционалната трикотажа и рачните изработки од Сiroгојно.
Со својот стил, Јованка Броз остави трајна трага во модната историја на поранешна Југославија.


















