Доколку се направи временска споредба на начинот на кој се артикулирале емоциите и колку внимание им се припишувало, ќе дојдеме до заклучок дека постојат евидентни разлики од минатото до денеска. Иако историјата е разновидна и не можеме да ја сместиме во еден унифициран корпус, сепак кога се емоциите во прашање, можеме да направиме историски пресек.
Првиот дел или историјата е пред појавата на делото „Емоционална интелигенција“ од Даниел Големан и вториот дел се референците и дејствувањето на научната заедница во област на емоционалната интелигенција.
Психологијата од своето етаблирање како посебна научна дисциплина и нејзина институционализација, прво се занимаваше со позитивистичка мерливост на осетот. Со психоанализата се создаде психолошката пракса, но во погледот на јасно разликување на когнитивноста од емоционалноста и конативноста, најголема заслуга му се припишува токму на Големан.
Покрај когнитивноста која се сметаше дека е тесно врзана со интелигенцијата, Големан воспостави и друг вид на интелигенција наречена емоционална и се однесува на начинот на кој ги препознаваме емоциите, нивната артикулација, менаџирањето на емоциите, како и нивно препознавање кај другите личности. Отогаш психологијата големо светло фрли на емоционалниот живот, па сега се говори дека тој за разлика од когнитивниот, ги памети дури и пренаталните состојби кај една личност и сите тие се складирани во амигдалата.
Но освен, во односот на науката кон емоционалното кај човекот, емоционалното и знаењето за емоциите доживеа подем и во други области. Емоците денеска заземаат големо место во уметноста, со импресионизмот, експресионизмот и други правци во модернизмот, акцентот е ставен на емоционалното кај човекот. Научниот емпиризам го призна статусот на набљудувачот, односно научникот како конститутивен во поглед на формирање на научното истражување, во книжевноста, драмата стана жанр кој е најпопуларен, но емоционалното донесе промена и во социјалните односи помеѓу луѓето.
Врски засновани на емоции
Емоциите, ја сменија и визијата за бракот и семејството, пријателството и сл. Денеска браковите се создаваат на т.н. романтична љубов. Браковите се склучуваат по избор на брачните сопружници, а потеклото, социјалната припадност и други фактори скоро целосно се маргинализирани и не играат никаква улога во создавањето на современите бракови. Секако ова е трендовска теза и не важи за сите поединечни случаи.
Семејствата исто така се засновани на емоции и денеска бројот на деца во едно семејство не е определен од потребите на семејството да има поголема работна сила во домаќинството, туку е определен од потребата за љубов и припаѓање на самите родители.
Денеска често се среќава и синтагмата дека „Пријателството е повредно од роднините, бидејќи пријателите и брачниот партнер се личности кои ги избираме да станат дел од нашите животи“, додека роднините ни се детерминирани од крвните врски. Пријателството е исто така однос кој почива на емоции и пресудно е помеѓу пријателите да има љубов, разбирање и почит за таа заедница да опстане. Секоја заедница која не почива на крвна врска, бара многу труд и внимание да се одржи бидејќи таа заедница лесно може да се распадне доколку не почива на емоционално продолжување.