Беснилото се шири меѓу фоките во Јужна Африка, открија научниците од таа земја. Се верува дека ова е прв пат опасен вирус да се пренесе на морски цицачи.

Најмалку 24 фоки со кафено крзно (Arctocephalus pusillus) умреле или се еутанизирани на различни локации на западниот и јужниот брег, а причината е беснило, според д-р Лесли ван Хелден, државен ветеринар, според Phys.org.

Беснилото е опасна заразна болест која ги погодува цицачите, а може да ја заболат и луѓето. Откако ќе се појават симптомите, оваа болест е скоро секогаш фатална. Најчесто се шири преку плунката, главно преку каснувања. Вирусот одамна е идентификуван кај ракуни, којоти, лисици, чакали и домашни кучиња. Сепак, никогаш досега не е забележано дека се шири кај морските цицачи, велат д-р Ван Хелден и неговите колеги.

Единствениот случај на инфекција со беснило кај морски цицач беше оној на прстенестата фока во Норвешка во раните 1980-ти. Тогаш фоката ја каснала бесна лисица, но беснилото не се проширило на другите фоки.

Официјалните лица откриле беснило кај фоките со кафено крзно откако еднa фока била касната од куче на плажа во Кејп Таун во јуни. Кучето било заразено со беснило, а тоа предизвикало анализа на трупови на фоките. Откриено е дека околу 20 примероци се позитивни.

Научниците истражуваат како беснилото се шири меѓу фоките, како и дали сега се загрозени големите колонии во кои живеат и дали е можно да се запре ширењето на инфекцијата.