Ако некој ја претстави науката како бајка, таа би изгледала вака – научникот А го открил Х, а потоа научникот Б се надоврзал на научникот А и го открил Y, нешто уште подобро и поефикасно.

И бајката продолжува така додека не најдовме одговори на сите прашања под небесната капа бидејќи науката е семоќна и ништо не се случува во науката освен постојана серија успеси како конечен триумф на човечкиот ум над силите на природата.

Вака раскажаната бајка често се нарекува „сциентизам“ и за одреден број луѓе таа претставува еден вид религија на ист начин како што се христијанството, исламот, будизмот итн. Нема светци и ритуали, нема цркви, но концептот на бог најчесто се заменува со концептот на ген или природа, а на човекот во бел мантил му се припишуваат мистични својства заедно со некритичкото прифаќање на сè што носи име „научно“.

Ова е секако целосна спротивност на суштината на науката, но добрата приказна секогаш ја наоѓа својата публика. Честопати можеме да го сретнеме овој пристап со соговорници – навивачи за наука кои, зборуваат за науката на начинот на кој комерцијалистите се обидуваат да пласираат некој непотребен производ. Но, како што обично се случува, вистината е секогаш во „50 нијанси на сиво“.

„Оној што сака колбаси и закони не треба да знае како било кој од нив две се прави“ е изјава што обично му се припишува на Бизмарк, и во овој случај би значело дека оној што сака науката да ја гледа како пат поплочен од златни тули што треба да се следи до крајните вистини, – „Подобро да не гледа премногу во грмушките покрај патот бидејќи може да најде многу што ќе го изненади.“